Украинските власти ја обвинија Русија дека цели на електроенергетскиот систем на Украина и друга цивилна инфраструктура, откако украинските сили напредуваа во контраофанзивата во североисточниот дел од земјата.
„Целосно затемнување во регионите Харкив и Доњецк, делумно во регионите Запорожје, Дњепропетровск и Суми“, напиша доцнавчера на Твитер украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Нема воени објекти, целта е да се лишат луѓето од светлина и топлина“.
Украинските сили објавија голем број успеси во последните денови во регионот Харкив, вклучително и повторно заземање на градот Изум кој руските трупи го користеа како клучен команден и снабдувачки центар.
Началникот на украинската војска, генерал Валериј Залужњи, изјави дека Украина од почетокот на септември повратила околу 3.000 квадратни километри од московските сили. Тој рече дека украинските војници сега се оддалечени само 50 километри од границата со Русија.
Напредувањето на бојното поле го одбележа најголемиот успех на Украина од почетокот на војната, кога го спречи рускиот обид да го заземе главниот град Киев. Нападот на Украина во регионот Харкив се чинеше дека ја изненади Москва, која пресели многу свои војници од областа на југ, каде Киев јавно најави контраофанзива.
Руското министерство за одбрана, како одговор на украинските придобивки, во саботата соопшти дека повлекувањето на трупите од Изум и другите области во регионот Харкив е со цел да се зајакнат руските сили во соседниот регион Доњецк на југ.
Дел од информациите во текстот се преземени од Ројтерс, Франс-прес и Асошиетед прес