„Во најтешката криза по Втората светска војна нашата основна цел е држвата, граѓаните, бизнисот да се задржат, да функционираат и да растат. Ова е ужасно тешка ситуација, но нема правдање и јас тоа нема да го правам. Овие есен, зима и пролет се најтешки во повоената македонска држава и ние тоа ќе го издржиме“, рече премиерот Димитар Ковачевски, по денешната седница на Советот за безбедност на која се разгледуваа енергетската криза и начините за нејзино надминување.
Ковачевски вели дека план за пребродување на зимата е утврден и дека веќе се работи на негова реализација. Клучно е дека владата планира зголемување на домашното производство на струја за 25 проценти.
Активностите предвидуваат и обезбедување доволни количини на јаглен, мазут, гас за производство на електрична и топлинска енергија, како и набавка на дополнителна електрична енергија.
Овој план, според владата, би значел дека би немало рестрикции за потрошувачите доколку нема испади во системот.
Your browser doesn’t support HTML5
„Целта е во најтешкиот период за нас - од 1 октомври до следниот 1 април 2023, на сите македонски граѓани, на сите домаќинства, ученици, студенти, на сите бизниси да им овозможиме најниска цена на електрична и топлинска енергија, по сегашната цена, со ефтина тарифа на струја“, рече Ковачевски.
Ковачевски апелираше до сите, и граѓаните и бизнисите, да штедат електрична енергија зашто ситуацијата, како што рече, е алармантна – цените на светските берзи на струја се екстремно високи. Снабдувањето со топлинска енергија – парно за 55.000 домаќинства во Скопје ќе го преземе државната ЕСМ. За бизнисот државата планира обезбедување струја по цена пониска од берзанските.
И шефот на државата Стево Пендаровски, кој го свика Советот за безбедност, повтори дека претстојните период ќе биде многу тежок.
„Не е тајна дека не очекува тешка зима. Војната во Украина предизвика тектонски пореметувања“, рече тој.
Во обид да се ублажат ефектите од енергетската криза, Скопје и Софија вчера договорија Бугарија од октомври да ѝ испорачува на земјава околу пет гигавати струја дневно за потребите на индустријата по цена која дополнително ќе се утврдува.