СОФИЈА - Индустријата ќе има доволно струја за своите потреби и ќе биде обезбедено непречено снабдување со електрична енергија во зимскиот период откако Северна Македонија и Бугарија постигнаа договор за соработка.
Бугарија ќе испорачува околу 5 гигавати струја дневно од почетокот на октомври до крајот на март идната година за да се ублажи енергетската криза во Македонија. Со ова ќе се обезбеди непречено снабдување со струја на индустријата, едно од клучните барања на бизнис секторот во државата.
Ова е договорот по средбата на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот колега Галаб Донев во Премиерскиот кабинет во Софија.
Клучно е да се дефининира цената по која ќе се набавува струјата од Бугарија а според премиерот Ковачевски ќе биде пониска од берзанската цена но во согласност со легислативите во Бугарија и Европската Унија.
За таа цел уште неделава ќе се формира работна група составена од претставници на министерството за економија, ЕСМ и бизнис секторот и нивните колеги од Бугарија односно од министерството за енергетика и државната компанија за производството и дистрибуција на електрична енергија чија задача е да ја дефинираат цената во наредните 15 дена.
„Прво се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од министерствата за економија на нашата држава, Министерството за енергетика на Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените што ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Бугарија согласно со директивите и легислативата на ЕУ и согласно со легислативата на Северна Македонија. Исто така разговаравме и за количините што се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е земја која е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитетите коишто ги има особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа“, рече премиерот Ковачевски по средбата.
Договор е постигнат и околу снабдувањето со гас. Бугарија ќе отстапи дел од своите капацитети за складирање на гас кои потоа би се испорачувале во Северна Македонија во зависност од потребите. Покрај тоа договорен е уште еден интерконектор.
„Една од темите а тоа е преговорите кои се водеа денес во областа на енергетиката и многу брзо се одговоривме на апелот за помош од страна на Северна Македонија за решавање на главните предизвици што се јавуваат пред нив и кај нив во секторот за енергетика. Бугарија традиционално била и се уште е лидер на Балканот и дискутирани беа и конкретни можности за соработка и во областа на електроенергијата и преносот на гас и бидејќи Бугарија има големи капацитети како за потребите на економијата, така и индустријата на Северна Македонија“, рече бугарскиот премиер Донев.
Донев најави дека доколку е потребно Бугарија ќе изгради дополнителни капацитети за складирање на природен или течен гас кои ќе и бидат ставени на располагање на Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски која ја предводеше делегацијата во која беа и шефот на дипломатијата Османи, министерот за економија Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и претседателот на Стопанската комора Азески се сретнаа и со бугарскиот претседател Румен Радев, а на средбата исто така се дискутирало за енергетската криза и евентуалната помош од Бугарија.
„И покрај политички страсти на кои сме сведоци во последните месеци, односите меѓу нашите две земји почиваат на цврста основа, која е надвор од секоја политичка конјунктура. Тоа е основата на одлуките на Бугарија за безрезервна поддршка на Македонија од признавањето на државноста и независноста на земјата, преку инсистирање на превентивниот контингент на ОН при распадот на поранешна Југославија, преку обезбедување помош за време на ембаргото, преку давање воено-техничка помош, во случај на катастрофи и природни непогоди“, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.
За време на посетата премиерот Ковачевски го посети и македонскиот Културно-информативен центар во Софија.
Facebook Forum