Конгресот на САД го изгласа Законот за овластување за национална одбрана во кој е вметнат и амандман за Северна Македонија.
Ова е федерален закон со кој САД го утврдуваат годишниот буџет и расходите на Пентагон.
Согласно амандманот, Конгресот му наложува на секретарот за одбрана, во консултација со командантот на Европската команда на САД, да достави до Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, најдоцна до први декември 2022 година, брифинг во врска со плановите за дополнителни НАТО или заеднички вежби на САД и Северна Македонија за време на фискалната 2023 година.
„Комитетот силно ја поддржува интегралната улога на Северна Македонија како сојузник на НАТО и ја истакнува вредноста на НАТО вежбата Брз одговор 22 во Северна Македонија за НАТО интероперабилноста, регионалната интеграција и одвраќање против руската агресија“, се вели во Законот.
Во него се додава дека од суштинско значење е „САД и остатокот од НАТО да продолжат да спроведуваат слични вежби со Северна Македонија и да настојуваат на натамошната интеграција“.
Северна Македонија е вметната во предложениот законски текст од страна на конгресменката Лиса Мeклејн, копретседавачка со конгресната група за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница, на барање на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Новиот директор на ОМД за Македонија Гордан Јорданов, претседателот Методија А. Колоски и директорката за развој и унапредување Ема Браун, на 15-ти јуни имале средба со Мeклејн, со цел да побараат подолем ангажман на САД во Северна Македонија.
„Од самото постоење од 2004 година, ОМД интензивно работи на засилување на односите помеѓу САД и нашата татковина Македонија на секое поле. Чест ми е дека токму пред 30-годишнината на македонската Армија, Конгресот изгласа да се подлабочи врската помеѓу армиите на САД и Македонија. Во својата историја, македонската Армија немала поголем пријател од американската Армија. Заедно сме посилни“, изјави Колоски.
Гласот на Америка го праша Одделот за одбрана на кој начин планира да ја зголеми соработката со Северна Македонија, но оттаму засега не добивме одговор.
САД и Северна Македонија во јуни го одржаа првиот стратешки дијалог, на кој беше потврдена дополнителна финансиска поддршка од САД во вредност од 40 милиони долари за модернизација на македонската Армија.
Двете држави се заложија за поголема соработка во одбраната и интензивирање на заедничките вежби и обуки.