Воени возила и автобуси со руски ознаки синоќа ја напуштија челичарницата Азовстал. Завојуваните страни соопштија дека со возилата се извлечени украински војници од челичарницата.
Украинското министерство за одбрана потврди дека се евакуирани повеќе од 260 лица, меѓу кои и тешко ранети војници. Евакуираните се упатени на територија што е под контрола на проруските сепаратисти.
Хана Малиар, од украинското МО, соопшти дека на педесетмина ранети таму ќе им биде пружена медицинска помош. За останатите се очекува да бидат вратени преку размена на затвореници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека целта на мисијата е да се спасат животите на војниците. Додаде дека ќе продолжат напори за нивно враќање дома и дека процесот ќе трае долго.
Ниту една од страните не истакна дали ранетите ќе се сметаат за воени затвореници.
Извор: Associated Press