„Држава ви изградивме, без плати не' оставивте“, „Зголемување на платата веднаш за сите“, „Без лихвари можеме, без работници не можеме“, беа дел од броните пароли на денешниот масовен работнички протест во Скопје што во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа под мотото „Се' да застане, за работникот да опстане“.
Учесниците побараа усогласување на платите во државата и линеарно зголемување на месечните примања за сите професии во износ од 2806 денари. Поворката се движеше од седиштето на ССМ, пред Македонското собрание, седиштето на Стопанската комора на Македонија и заврши пред Владата.
Учествуваа работници од бројни синдикални организации од различни професии и од повеќе градови. Меѓу нив беа и синдикалните организации на полициските службеници, како и на пожарникарите.
Пред платото на Владата организаторите упатија проглас со се бара повисоки плати и вреднување на работничкиот труд.
„Нашиот труд е неопходен за нашата егзистенција, но не е вреднуван, а без нашиот труд ниту вие не можете да функционирате. Бараме од Владата да го почитува колективниот договор во јавниот сектор и враќање на К-15, истото го бараме и од приватниот сектор. Сакаме повисоки плати и одржливи работни места, социјална сигурност и права од работен однос според колективен дговорор. Бараме европски нов закон за работни односи“, беше истакнато пред Владата.
Your browser doesn’t support HTML5
На протестот имаше повеќејазични транспаренти, преовладуваа синдикални бои и знамиња. Учесниците воедно порачаа и да нема партиски мешања во синдикалното организирање.