„Држава ви изградивме, без плати не' оставивте“, „Зголемување на платата веднаш за сите“, „Без лихвари можеме, без работници не можеме“, беа дел од броните пароли на денешниот масовен работнички протест во Скопје што во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа под мотото „Се' да застане, за работникот да опстане“.
Учесниците побараа усогласување на платите во државата и линеарно зголемување на месечните примања за сите професии во износ од 2806 денари. Поворката се движеше од седиштето на ССМ, пред Македонското собрание, седиштето на Стопанската комора на Македонија и заврши пред Владата.