Американски оклопни возила од јуни во редовите на македонската армија

Повеќе од 30 проценти се вложува во модернизација. Минатата недела го донесовме и планот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, но преку договори Влада со Влада, најави министерката Петровска

Софистицирани американски оклопни возила од јуни во редовите на македонската армија

Прва пратка од шест софистицирани американски оклопни возила треба да биде доставена во текот на јуни за потребите на македонската армија. Тоа го најави министерката за одбрана, Славјанка Петровска на полигонот Криволак каде се одржа Ден за високи гости во рамките на вежбата „Блесок 22“.

„ Повеќе од 30 проценти се вложува во модернизација. Минатата недела го донесовме и планот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, но преку договори Влада со Влада. Таму има опфатени осум проекти кои се однесуваат и на зголемување на капацитетите, на одбранбени капацитети на лесниот пешадиски баталјон. Меѓутоа набавки и во областа на артилерија и други набавки кои се потребни за армијата. Сите тие набавки се прават согласно долгорочниот и среднорочниот план за развој на армијата“, нагласи министерката Петровска.

Минатата година во јуни, на полигонот Криволак, во присуство на тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, американската компанија „ Oshkosh Defense“ ги презентираше лесните пешадиски оклопни возила JLTV. Тогаш беше најавена набавка на 33 возила од тој модел.

Петровска на денешниот настан, воедно, истакна дека Лесниот пешадиски баталјон во изминатиот период поминал низ евалуација под надзор на оценувачи од НАТО. Притоа баталјонот добил оценка дека е воено способен за изведување операции по стандардите на Алијансата.

Лесниот пешадиски баталјон воедно е првата поголема воена формација од македонската армија што поминува процес на оценување од страна на структурите на НАТО, после полноправното членство во Алијансата.

На завршниот чин од вежбата „Блесок 22“ што се одржуваше во периодот од 3 до 11 април, на полигонот Криволак денеска беше изведена воено тактичка показна вежба на која Лесниот пешадиски баталјон го презентираше своето ниво на подготвеност за воени операции.

Единиците изведоа офанзиви операции, со поддршка на хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и артилериски орудија.

Висока оценка од НАТО за пешадискиот баталјон на македонската армија