Северна Македонија е подготвена да понуди помош на Украина ако има ескалација на состојбата

Your browser doesn’t support HTML5

Македонија подготвена да и помогне на Украина

Каква асистенција и во кој обем дополнително ќе се утврдува и тоа ќе зависи од развојот на ситуацијата која се заканува да кулминира со отворен руско-украински конфликт.

„Дали Северна Македонија е подготвена и размислува за прием на бегалци од Украина и каде би биле сместени?“ - „Северна Македонија во повеќе наврати покажала отвореност и нудела помош при вакви ситуации. Оттаму владата ќе понуди помош и во случај на ескалација на ситуацијата во Украина. Сите напори се во насока ова да не се случи.“, изјави Душко Арсовски, портпарол на Владата на Северна Македонија.

Се очекува можната помош од Скопје за Киев да се конкретизира по директните контакти меѓу двете земји на највисоко владино ниво. Владата, на последната седница, ја разгледала информацијата за безбедносната ситуација во Украина. Задолжено е министерството за надворешни работи да ги преземе сите мерки за безбедност на 30 македонски набљудувачи кои се дел од специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.

Во случај на влошување на ситуацијата, се наметнува потребата од брзо и ефикасно ангажирање за осигурување на безбедноста на 30 луѓе. Во однос на нашите државјани, амбасадата во Киев има евидентирано бројка од стотина кои ги оставиле своите податоци дека престојуваат во Украина.
Арсовски, портпарол на Владата на Северна Македонија

„Во случај на влошување на ситуацијата, се наметнува потребата од брзо и ефикасно ангажирање за осигурување на безбедноста на 30 луѓе. Во однос на нашите државјани, амбасадата во Киев има евидентирано бројка од стотина кои ги оставиле своите податоци дека престојуваат во Украина. Од нив, заклучно со вчера, во земјава се вратиле 13.“, изјави Душко Арсовски, портпарол на Владата на Северна Македонија.

Земјава, засега се уште не донела одлука дали ќе се приклучи кон пакетот санкции на Европската Унија кон Русија.

Објаснувањето од владата е дека „Северна Македонија е на линија на постигнување 100% усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Унијата, но дека за формална одлука допрва ќе се расправа“. Наспроти сите оценки и изјави на меѓународната заедница дека станува збор за чекор на агресија на Москва, рускиот амбасадор во земјава, во обраќање преку социјалните мрежи, тврди дека неговата земја не сака конфронтација.

„Нагласувам, нашата земја нема какви било агресивни намери кон ниту една друга држава, никому не му се закануваме. Нашиот приоритет не е конфронтација, туку безбедност и овозможување услови за развој и просперитет на земјата во мирни услови. Се залагаме за владеење на меѓународното право и неговите основни принципи како што се немешање во внатрешните работи.“, изјави Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Северна Македонија.

Македонскиот државно-владин врв реагираше на руското признавање на „независните републики“ Доњецк и Луганск и прати недвосмислени пораки со осуда за постапките на Москва и истовремена поддршка на територијалниот интегритет на Украина.