Клучно е разговорите да се водат на еднакво ниво, вели Ковачевски пред експертскиот состанок во Софија неделава

Your browser doesn’t support HTML5

На претстојната средба меѓу делегациите на Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија ќе се разговара за пакетот политички прашања, најчувствителниот дел од процесот меѓу двете земји

Професионално да работат и врз основа на меѓународни стандарди – тоа се очекувањата на премиерот Димитар Ковачевски од претстојната средба меѓу делегациите на Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија.

На состанокот на експертско ниво, што на крајот на неделава ќе се одржи во Софија, ќе се разговара за пакетот политички прашања, најчувствителниот дел од процесот меѓу двете земји од чиј исход зависи деблокадата на евроинтеграциите. Според Ковачевски клучно е разговорите да се водат на еднакво ниво.

„Разговорите да бидат водени во духот на европските вредности, со почитување на двете држави и со почитување на достоинството на граѓаните и на Северна Македонија и на Бугарија. Кога ќе имаат резултати кои ќе бидат на ниво што може да се смета за прифатливо, тогаш и владите ќе ги разгледуваат, а ќе бидат споделени и со инстутциите кои се задолжени за нивно разгледување и евентуално усвојување“, вели Ковачевски.

Додека се динамизира работата на заедничките македонско-бугарски работни групи, чија цел е подобрување на соработката и комуникацијата во делот на инфраструктурата, културата, образованието, инфрасттруктурата, домашниот политички дискурс е фокусиран на клучниот лик од поновата историја.

Ново прашање за кавга меѓу мнозинството и опозицијата во начинот на кој се менаџира процесот со Софија е Декларацијата за Гоце Делчев што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието.

„Ајде сите заедно да се обединиме и да ја донесеме оваа декларација повод 150- годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и да покажеме за вакви ликови од нашата историја знаеме да бидеме обединети“, вели Иванка Додовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите сметаат дека станува збор за понижување на ликот и делото на Гоце Делчев и бараат повлекување на Декларацијата.

„Вакво политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за цел градење на политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете држави. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. Декларација. Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ, да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес“, вели Јован Митрески од СДСМ.

Во односите меѓу двете земји се забележува подобрување по изборот на новите влади во Скопје и во Софија. За две седмици имаше две средби на највисоко ниво, а на одбележувањето на 150- годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје присуствуваше и шефицата на бугарската дипломатија. Сепак, сето тоа не гарантира решение за чувствителните прашања.