ММФ ги намали очекувањата за глобалниот економски растеж

FILE - The International Monetary Fund logo is seen inside its headquarters at the end of the IMF/World Bank annual meetings in Washington.

Меѓународниот монетарен фонд ја намали својата прогноза за растот на глобалната економија оваа година, наведувајќи го ширењето на сојот Омикрон како значителен фактор. Во прогнозите во овој квартал на светската економска перспектива, ММФ предвиде дека глобалната економија ќе се зголеми на 4,4% во 2022-та, пониско од прогнозата од 5,9% пред една година и стапката на раст од 4,9%, предвидена во октомври.

Во извештајот, исто така, се наведуваат повисоките цени на енергијата, зголемената инфлација и поголемите од предвидените забавувања во САД и Кина, најголемите светски економии, како причини за намалување на прогнозата за глобалниот раст.

„Глобалната економија влегува во 2022-та во послаба позиција од претходно очекуваното“, се вели во извештајот на ММФ. „Појавата на сојот омикрон кон крајот на ноември се заканува да го уназади патот кон закрепнување“.

Оваа меѓународна организација за заеми, сочинета од 190 земји ја намали прогнозата за раст на САД на 4% од 5,2% како што предвиде во октомври.

ММФ соопшти дека ја намалила прогнозата за раст на американската економија бидејќи масивниот предлог-закон за подобрување на социјалната политика на претседателот Џо Бајден е во ќорсокак во Конгресот.

Построгата монетарна политика на Централната банка на САД и проблемите со синџирот на снабдување што ги погодија американските производители и други бизниси, исто така, беа фактори во ревидираната прогноза, соопшти ММФ. Се намалија и очекувањата за раст на Кина и сега се на 4,8% за оваа година, драматично пониски од прогнозите за 8,1% минатата година и речиси 1% пониски од очекувањата во октомври.

Пристапот на Кина со нулта толеранција кон пандемијата на коронавирус и карантините ја забавија приватната потрошувачка додека секторот на недвижности останува во „период на продолжен стрес“, соопшти ММФ.