Русија испрати падобранци на границата со Белорусија во близина на Полска, каде што кампуваат стотици мигранти кои се обидуваат да преминат во Европската Унија.
Кремљ соопшти дека ненадејното распоредување е за вонредни вежби, но се совпаѓа со акумулацијата на руски воени сили во близина на украинската граница и придонесува за зголемена европска и американска тревога.
Москва ја обвинуваат дека му помага на својот сојузник, лидерот на Белорусија, Александар Лукашенко, за организирање на премините на мигранти во Полска како форма на „хибридна војна“ против Европската Унија.
Високи американски функционери алармираа пред сојузниците во НАТО дека Русија можеби подготвува заговор да заземе повеќе делови од Украина како повторување на нејзината анексија на Крим во 2014 година.
Ентони Блинкен, американскиот државен секретар, рече на средината на неделата: „Немаме јасност во намерите на Москва, но го знаеме нивното делување. Нашата загриженост е дека Русија може да направи сериозна грешка во обидот да го повтори она што го презеде уште во 2014 година кога собра сили долж границата, премина на суверена украинска територија и го стори тоа тврдејќи лажно дека е испровоцирано“.
Руските власти негираат дека военото засилување на границата со Украина или испраќањето на падобранци во Белорусија е невообичаено или агресивно.
„Единица руски падобранци ќе вежбаат слетување на непозната територија во областа Хродна во Белорусија на 12 ноември, како дел од вежбите за проверка на борбената готовност на силите на падобранците“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана од петокот.
Минатата недела, претседателот Џо Бајден го испрати Вилијам Барнс, директорот на ЦИА, во Москва, за да ја нагласи американската загриженост за воените потези и растечката мигрантска криза во услови на застрашувачка вербална војна и реципрочни кругови обвинувања и дипломатски тензии меѓу Белорусија и Полска.
Полска, како и Литванија и Летонија, ги милитаризираше границите со Белорусија за да се обиде да го спречи рекордниот број мигранти кои ги минуваат границите.
Овие држави го обвинуваат Лукашенко за поттикнување на мигрантската криза како одмазда кон Европската Унија за воведувањето санкции кон Белорусија за минатогодишните спорни избори и како одговор на жестокото задушување на демонстрантите кои ја оспоруваат легитимноста на владеењето на Лукашенко. Изборите нашироко се сметаа за наместени.
Лукашенко половично негираше дека сака да ја притиска и уценува Европа обидувајќи се да поттикне мигрантска криза, но рече дека реагира на странскиот притисок. „Ние не уценуваме никого со илегална имиграција“, им рече тој на новинарите во Палатата на независноста во Минск во август. „Ние никому не се закануваме. Но вие не ставивте во такви околности што сме принудени да реагираме. И ние реагираме“.
Само во октомври, Полска забележа 15.000 обиди за илегално преминување на границата.
Минатата недела Полска распореди уште 2.500 војници на границата, со што бројот на војници кои патролираат се искачи на 10.000.
Пјотр Ваврзик, заменик-министер за надворешни работи на Полска, рече: „Акциите преземени од белоруските власти во последните недели имаат сè поочигледни знаци на намерна ескалација“.
Најмалку 2.000 мигранти, меѓу кои и жени и деца, се заглавени на границата во услови на студ. Некои се пожалија дека биле претепани од полските граничари и биле принудени да се вратат во Белорусија. Хуманитарните организации се критични и кон Полска и кон Белорусија.
„Шокантно е да се види неспособноста на Европа правилно да се справи со толку мал број мигранти заглавени на границата меѓу Полска и Белорусија“, вели Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци.
„Неколку илјади луѓе на европската полска граница, од кои многумина избегаа од некои од најлошите кризи во светот, е капка во океанот во споредба со бројот на луѓе раселени во земји кои се многу посиромашни на други места“, додава тој.
Но, Егеланд го критикуваше и Минск. „Начинот на кој Белорусија ги користи мигрантите и бегалците за да постигне политички цели е подеднакво срамен. Ранливите луѓе не се шаховски пиони за да се користат во геополитичка борба“, рече тој.
SEE ALSO: Полска стравува од „вооружена ескалација“ со Белорусија, илјадници мигранти на границата
Безбедносните експерти и западните официјални лица се поделени околу тоа дали Кремљ стои зад мигрантската криза на белоруско-полската граница. Или дали само ја користи ситуацијата.