Полската влада ја обвинува Белорусија дека ги насочува мигрантите кон границата како дел од кампањата на „хибридна војна“. Се проценува дека илјадници мигранти кампуваат долж границата во близина на полското село Кузница.
Во последните 24 часа имавме 309 нелегални обиди за преминување на границата.Катарина Жданович, портпаролка на полската гранична стража
Неколкумина се обидоа да ја пробијат жичената ограда користејќи лопати и секачи за завртки во вторникот. Граничарите одговорија со солзавец.
Полските власти соопштија дека привеле десетици мигранти.
„Во последните 24 часа имавме 309 нелегални обиди за преминување на границата. Граничната стража издала 85 наредби за едно лице да ја напушти територијата на Полска. Седумнаесет странци беа приведени и ќе бидат подложени на административна процедура“, изјави за новинарите во вторникот портпаролката на полската гранична стража Катарина Жданович.
Не е јасно дали приведените мигранти поднеле барање за азил во Полска, што е можно според меѓународното право.
Не одиме во Полска. Одиме во Германија. Германија е живот. Нема Полска.Мигрант на полско - белоруската граница
Мигрантите се од Авганистан, Блискиот Исток и Африка – главно млади мажи, но и некои жени и деца. На снимката емитувана на белоруската државна телевизија која не може да биде независно потврдена од Гласот на Америка, еден мигрант рече дека не сака да остане во Полска.
„Не одиме во Полска. Одиме во Германија. Германија е живот. Нема Полска“, рече тој. Германија е заедничка дестинација за многу мигранти кои влегуваат во Европа.
Полска и Европската унија го обвинуваат Минск дека ги користи мигрантите со тоа што ги поканува да влезат во Белорусија и ги упатува до границата, понекогаш и насилно. Посетувајќи ја граничната област во вторникот, полскиот премиер ја пофали работата на 12.000 војници што владата ги распореди за одбрана на границата.
„Знаеме дека ова е целосно планирана операција која има за цел да го наруши суверенитетот на нашата земја. Тоа ни е апсолутно јасно. Со сигурност знаеме дека се бараат слаби точки на границата“, рече премиерот Матеуш Моравјецки. „Режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко користи цивили како оружје на хибридна војна. Она што можеме да го видиме денес се нови методи“, додаде премиерот.
Полска во вторникот го затвори главниот граничен премин со Белорусија, примарна рута за патниот сообраќај меѓу северна Европа и Русија.
Белорусија негира дека ги насочувала мигрантите кон границата. Претседателот Александар Лукашенко ја обвини Полска дека „посегнува кон оружје, очигледно е дека тоа е некој вид вежба или заплашување. Се разбира, ќе се соочиме со тоа без никаква нервоза, изјави тој за државната телевизија.
Знаеме дека ова е целосно планирана операција која има за цел да го наруши суверенитетот на нашата земја.Матеуш Моравјецки, премиер на Полска
Русија ја изрази својата поддршка за сојузникот Белорусија и ја обвини миграциската политика на ЕУ за ситуацијата на границата. На прес-конференцијата во вторникот по разговорите со официјалните претставници на Ватикан, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја повика Европа да обезбеди финансиска помош за Белорусија.
Зошто, кога бегалците доаѓаа преку Турција ЕУ одвои средства за да им овозможи да останат во Турција? Зошто е невозможно да им се помогне на Белорусите на овој начин?Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
„Земјите на ЕУ треба да имаат конзистентни стандарди кога ќе се постави прашањето за прием или одбивање бегалци. Зошто, кога бегалците доаѓаа преку Турција ЕУ одвои средства за да им овозможи да останат во Турција? Зошто е невозможно да им се помогне на Белорусите на овој начин?“ рече Лавров.
Европската унија соопшти дека Белорусија се одмаздува за санкциите што беа воведени по бруталното задушување на продемократските протести по спорните избори во 2020-та година, за кои западните набљудувачи велат дека биле наместени.
„Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен многу јасно побара... Белорусија да ја запре инструментализацијата на мигрантите за политички цели, што ги става во опасност животите на луѓето“, изјави во вторникот Дана Спинант, портпарол на Европската комисија. „Нашата цел е јасно да ја пренесеме пораката до властите на земјите од каде што доаѓаат мигрантите дека ова е опасна замка, дека луѓето се намамени од режимот во Минск и тие се донесени во Белорусија и туркани кон ЕУ“ додаде таа.
САД силно ја осудуваат политичката експлоатација и принуда на режимот на Лукашенко врз ранливите луѓеНед Прајс, портпарол на Стејт департментот на САД
Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот на САД, ја повтори таа загриженост. „САД силно ја осудуваат политичката експлоатација и принуда на режимот на Лукашенко врз ранливите луѓе и бесчувствителното и нехумано олеснување на нерегуларните миграциски текови преку нивните граници“, рече Прајс.
Полска воведе вонредна состојба во пограничниот регион, блокирајќи го пристапот до групите за поддршка на бегалците и новинарите. Неколку мигранти веќе починаа на границата, додека илјадници се заглавени на ниски температури со малку храна или вода.