Колумбискиот претседател Сантос добитник на Нобеловата награда за мир

Договорот за прекин на огнот му стави крај на 52 годишниот конфликт во земјата, но иднината останува неизвесна

Хуан Мануел Сантос ја доби Нобеловата награда за мир за неговите напори да му стави крај на конфликтот со марксистичките бунтовници

„Јас сум почестен и благодарен...тоа е многу важен настан за мојата земја, за жртвите од војната, за определбата да се одржи мирот во мојата земја. Јас сум навистина благодарен“, му рекол Сантос на директорот на Норвешкиот институт во Осло, кога тој му се јавил за му ја соопшти веста.

Сантос и лидерот на Револуционерните вооружени сили на Колумбија ФАРК, Тимолеон Хименез, познат како Тимонченко го потпишаа историскиот мировен договор претходниот месец, ставајќи крај на најдолгиот конфликт во Латинска Америка. Договорот подоцна беше отфрлен од мнозинството гласачи на референдумот во земјата.

Без разлика на тоа што беше отфрлен, Сантос вети обновување на мировниот план, за кој многу Колумбијци мислат дека е благонаклонет кон бунтовниците на ФАРК.

„Со фактот дека мнозинството на гласачите кажаа не` на мировниот договор, не значи дека мировниот договор е мртов. Референдумот не беше гласање за или против мирот“ велат во соопштение од Комитетот за доделување на Нобеловата награда.

Од комитетот велат дека гласањето „не“ не` значи глас против мирот, и ги охрабруваат сите страни да го продолжат националниот дијалог со цел да се унапреди мировниот процес.

Сантос порано неделава кажа дека ќе го продолжи договорот за прекин на огнот со бунтовниците до 31-ви октомври, во обид да ги олесни преговорите, но неговиот предлог беше пречекан со скептицизам од Тимонченко.