Линкови за пристапност

Трамп повика на акција за помош на кинескиот технолошки гигант „ЗТЕ“


Трговска пресуда сериозно и` наштети на компанијата која зависи од набавката на американски делови

Претседателот на САД Доналд Трамп, изјави дека бара начин како да и` помогне на кинеската технолошка компанија „ЗТЕ“ да се врати во бизнис, откако американска трговска пресуда сериозно и` наштети.

„Голем број работни места во Кина беа изгубени“, напиша Трамп на Твитер на само неколку дена откако „ЗТЕ“ соопшти дека престанува со „големите оперативни активности“.

САД го прекинаа извозот за „ЗТЕ“ - повеќе од 25 проценти од деловите кои кинеската компанија ги вградува во безжични станици, оптички мрежи и паметни телефони се од американско производство.

Укинувањето на увозот за „ЗТЕ“ дојде откако според зборовите на еден експерт, компанијата „била фатена со крвави раце“ вградувајќи американска технологија во производи кои потоа ги продавале во земји кои се под трговско ембарго на САД, вклучувајќи ги Иран и Северна Кореја.

САД минатата година ја казнија „ЗТЕ“ со 1,2 милијарди долари. Подоцна Вашингтон соопшти дека од „ЗТЕ“ лажелa за казнување на вработените за кои се верувало дека се вклучени во прекршување на санкциите, наместо тоа им исплатиле бонуси.

Одделот за трговија го прекина пристапот на компанијата до американски делови до 2025-та година, принудувајќи ја да ја прекине работата на фабриката во Шенжен.

Трамп честопати има кажано дека Кина ги краде американските работни места, сепак, преку Твитер истакна дека работи со кинескиот претседател Ши Џинпинг за олеснување на последиците за оваа компанија и му нареди на Одделот за трговија да работи на случајот.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лу Канг, изјави дека Кина ја почитува позицијата на САД и дека двете земји разговараат за ова прашање.

САД и Кина неделава во Вашингтон, треба да ја одржат последната рунда трговски разговори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG