Линкови за пристапност

Зошто Северна Кореја ги зголемува реторичките напади кон САД?


Од 2022 година, Северна Кореја лансираше ракети со невидено темпо, проширувајќи го нуклеарниот арсенал наменет да служи како закана за САД и нивните сојузници. Но, за време на тоа акумулирање, Пјонгјанг не беше помалку ангажиран околу реторичките напади врз Вашингтон.

Се чини дека тоа се менува.

Во текот на минатиот месец, за време на големите воени вежби на САД и Јужна Кореја, строго контролираните државни медиуми на Северна Кореја зазедоа повоинствен тон, засилувајќи ги насилните изрази на анти-американски чувства кои потсетуваат на претходните периоди на напнатост.

Поострата реторика доведе и до регрутирање на млади Севернокорејци кои се пријавиле доброволно да волонтираат за воена служба.

Според севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА), околу 1,4 милиони млади доброволно се приклучиле или повторно се приклучиле на севернокорејската војска во текот на минатиот месец - покажувајќи ја „непоколебливата волја на помладата генерација“, според КЦНА.

На собирите на младината во Северна Кореја на државната телевизија било прикажано како млади луѓе држат транспаренти со изрази како што се „ајде да ги исечеме на парчиња“, „да ги претепаме“ и „да ги распарчиме до смрт“, велат од НК Њуз, во Сеул, базирана онлајн публикација која се фокусира на Северна Кореја.

Реториката сè уште е на некој начин, не толку силна, според стандардите на севернокорејските пропагандисти, кои пред 2018 година често се закануваа дека ќе го претворат Сеул, или Вашингтон, во „огнено море“.

Но, ако трендот продолжи, аналитичарите велат дека тоа би можело да сигнализира крај на периодот на реторичко воздржување во текот на кој Северна Кореја беше главно фокусирана на внатрешните предизвици, како што беше пандемијата со ковид-19 и економските тешкотии.

„Прашањето е каде води сето ова“, вели Рејчел Минјунг Ли, аналитичарка која внимателно ги следи севернокорејските медиуми.

Одлуката да се користи поагресивен јазик мора да е донесена на релативно високо ниво, вели Ли, но дали тоа ќе биде придружено со промена на надворешната и одбранбената политика на Северна Кореја е помалку јасно.

„Тие можат да зборуваат агресивно, но тоа не значи дека тоа може да прерасне во акција“, рече Ли, аналитичарка од Отворената нуклеарна мрежа со седиште во Виена.

Понова историја

Последен пат Северна Кореја применила таков агресивен реторички пристап во 2017 година - таканаречениот период на „оган и гнев“ - кога севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и поранешниот американски претседател Доналд Трамп разменуваа лични навреди и закани за нуклеарно уништување.

Тие тензии стивнаа во 2018 година, кога Ким одлучи да одржи историски самит со Трамп, како и серија одвоени состаноци со неговиот јужнокорејски колега, претседателот Мун Џе-ин.

Ким на крајот ги напушти разговорите, фрустриран од одбивањето на Трамп да даде, според него, доволни отстапки во замена за делумни чекори за разбивање на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Месеци подоцна, Северна Кореја влезе во подолг период на екстремна изолација, затворајќи се по пандемијата која го зафати светот.

Но, дури и кога Северна Кореја драматично ги зголеми своите ракетни тестови во последниве години, нејзиниот говор кон Трамп но и неговиот наследник, американскиот претседател Џо Бајден, беше умерен.

Но, агресивниот говор на Северна Кореја се засили, особено откако новиот конзервативен претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, усвои построг пристап кон Пјонгјанг.

Ново ниво на тензија?

Северна Кореја се фокусираше на неодамнешните воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои вклучија видлив приказ на огромна супериорната воена моќ на Алијансата.

Во редок потег, Родонг Синмун, главниот севернокорејски весник, неодамна објави долги коментари кои очигледно треба да поттикнат анти-американски чувства за вежбите.

Еден од коментарите, објавен на 17 март, предупреди дека „САД и нивните вазални сили“ ја преминуваат „неподносливата црвена линија“ - фраза што се повеќе се користи од државните медиуми.

Северна Кореја го подготвува своето население за ново ниво на тензии со САД.

Според мислењето на Мајкл Маден, кој се фокусира на севернокорејското лидерство во центарот Стимсон со седиште во Вашингтон, вели дека јавните демонстрации се особено забележливи.

„Ако режимот се залага за јавни работи, тогаш работите се малку помрачни и пострашни отколку ако тие само објавуваат владини изјави“, вели Маден. „Ако набљудувачите бараат точка на пресврт, тоа ќе дојде со повеќе јавни настани и мобилизација на населението“.

Она што го кажува Ким е важно

И, додека аналитичарите ја анализираат севернокорејската пропаганда, Маден вели дека е важно да се направи разлика помеѓу коментарите дадени од Ким и оние дадени од функционери од пониско ниво, кои често го претставуваат она што тој го нарекува „тактичка реторика“.

„Ако доаѓа од Ким Џонг Ун или е читање на политички настан на кој присуствувал, ова е стратешка реторика и ни дава точно чувство за перспективата на Пјонгјанг“, вели Маден.

Според Ли, во септември владата на Ким усвои закон со кој се зацврстува правото да се користат превентивни нуклеарни напади. Оттогаш Ким постојано ја споменуваше можноста за таков напад. Но, многу од коментарите на Ким, исто така, продолжуваат да го нагласуваат она што тој го гледа како застрашувачка или одбранбена природа на неговото нуклеарно оружје.

„Мислам дека поголемиот дел е тоа што тој сака да му покаже на светот дека Северна Кореја ќе го претвори нуклеарниот закон во акција доколку дојде до притисок“, рече таа.

XS
SM
MD
LG