Линкови за пристапност

Награда за животно дело на фоторепортерот Личовски


Здружението на новинари на Македонија им додели специјална награда и награда за истражувачко новинарство на Исмаили и на Апостолов

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ годинава му ја додели на фоторепортерот Ѓорѓи Личовски, еден од дојаените на македонската новинска фотографија.

Во неговата речиси тридецениска кариера, Личовски, кој е долгогодишен соработник на Европската прес агенција (ЕПА) од Германија, бил уредник на фотографија во неколку македонски печатени медуими.

Неговите фотографии се објавувани на насловните страници на најпрестижните светски медиуми, а за фотографиите од бегалската криза на македонско-грчката граница освои бројни награди во светот.

Личовски е добитник на наградата за фотографија на годината на УНИЦЕФ за 2015-та, наградата на Фондацијата „Марко Лучета“ од Италија, за најдобра објавена фотографија во светот во 2015 година, како и на бронзен медал од Германската академија „Лид“ за трета најдобра фотографија, објавена во германски медиум.

Тој има освоено награди и на конкурси во Кина и во Босна и Херцеговина.

Според одлуката на жири-комисијата, наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ ја доби Владо Апостолов, новинар на порталот „Призма“ за серијата истражувачки текстови „Досие Здравев“, чија тема е имотот на Владимир Здравев, поранешен претседавач на Советот во скопската Општина Центар и актуелен член на Одборот на директори на „Македонски Телеком“.

Специјална награда од ЗНМ доби Мефаил Исмаили од телевизијата „Шења“, кој објави извештај за злоупотреба на картички за присуство на одделни пратеници во Собранието.

XS
SM
MD
LG