Линкови за пристапност

ЗНАМ ги испорача условите за влез во Влада - без ДУИ и со одложени уставни измени


ЗНАМ со јасни „црвени линии“ за заштита на идентитетот и државните интереси како услов за влез во Влада. Преговори нема ниту со ВМРО – ДПМНЕ ниту со СДСМ во моментов. Димитриевски повика на масовна поддршка на парламентарните избори а на претседателските да се гласа по лично убедување

СКОПЈЕ - Максим Димитриевски лидерот на „ЗНАМ“ денес на последниот ден од кампањата за претседателските и парламентарни избори ги реафирмираше партиските ставови и услови за влез во идната Влада. Тврди дека ЗНАМ засега не преговарала ниту со СДСМ ниту со ВМРО – ДПМНЕ а за сите натамошни чекори ќе се одлучува откако ќе се добијат изборните резултати. Димитриевски очекува повисок број на гласови од освоените во првиот круг на претседателски избори и повика на масовен одзив на 8 мај и поддршка за кандидатски листи на ЗНАМ.

Кога станува збор за условите, Димитриевски повтори дека во Владата ќе учествува доколку ДУИ премине во опозиција а кога станува збор за Коалицијата „Вреди“ со која соработува на локално ниво смета дека е можна соработка ако се приближат ставовите околу уставните измени. Димитриевски ги исцрта „црвените линии“ за заштита на националните интереси, идентитет, јазик, култура и наследство во текот на сите фази од евроинтегративниот процес.

„Заштита на јазикот, историјата, идентитетот, културното наследство во сите фази на преговорите. Парламентот да усвои Декларација за националните македонски црвени линии. Одложена примена на уставните амандмани по приемот на Македонија како полноправна членка на ЕУ, доколку се потребни измени во Уставот на Македонија. Македонија треба да ја градиме како држава со мултиетничко општество со еднакви права и обврски на сите граѓани кон државата. Да се отфрли наметнатиот наратив од албанскиот политички фактор дека Македонија треба да биде биетничка држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства“, изјави Димитриевски.

Една изборна единица е барањето на ЗНАМ како и одлучна борба против криминалот и корупцијата.

„Незастарување на делата за криминал и корупција. Враќање на укинатите одредби од Кривичниот законик и зголемување на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања со казна затвор од минимум 10 години“, објасни Димитриевски.

Димитриевски побара од граѓаните масовен одзив и масовна поддршка на 8 мај за кандидатските листи на ЗНАМ и нагласи дека тие се вистинските претставници на социјалдемократското движење, а целите во кампањата се исполнети и програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ целосно е презентирана на граѓаните.

„Очекуваме бројката што ја постигнавме на претседателските избори да се потврди и истата да се зголеми. Колкав ќе биде бројот на пратеници не можеме да претпоставиме, бидејќи треба да се пресмета и одѕивот. Очекуваме поголем одѕив од страна на граѓаните на претстојните парламентарни избори. Поддршката на ЗНАМ на претстојните парламентарни избори е поддршка од граѓаните за граѓаните и ние ќе се ставиме во функција и во коалиција со граѓаните на Македонија“ рече Димитриевски.

ЗНАМ нема преговори ниту со СДСМ ниту со ВМРО ДПМНЕ, дециден е Димитриевски.

„За жал ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања, но не успеаја да се надминат себе си и штитејќи ги своите лични интереси, всушност во залог ја ставија социјалдемократијата, а се повикаа на наводно своја социјалдемократија. Немаме разговарано ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со друг политички субјект во државата. Ќе ги почекаме изборните резултати. Во рамките на органите и телата на партијата ќе ги донесеме сите наши понатамошни одлуки. Ние не трчаме по власта, ние трчаме по граѓанската поддршка“, изјави Димитриевски.

Кога станува збор за избор на претседател што за ЗНАМ е врвен приоритет, Димитриевски остави на граѓаните да гласаат по свое лично убедување иако тој веќе се извини што во минатото го поддржал Пендаровски.

XS
SM
MD
LG