Линкови за пристапност

Пуч во Зимбабве?


Долгогодишниот лидер Роберт Мугабе изгледа дека е во куќен притвор

Претседателот на Јужна Африка вели дека долгогодишниот лидер на Зимбабве, Роберт Мугабе се наоѓа во неговиот дом и дека му е ограничено движењето, додека во државата има воени напори за негово соборување, по 37 години поминати на власт.

Претседателот Џејкоб Зума, кој ја предводи Јужноафриканската развојна заедница (SADC) во соопштение кажа дека претседателот Роберт Мугабе „е ограничен во неговиот дом, но дека е во ред. Исто така дека тој има контакт со армијата на Зимбабве.“

Настаните се реакција на непопуларните потези на Мугабе, во кои тој претходно месецов го отпушти својот заменик, Емерсон Мнангагва, и индицираше дека планира на место на соборениот потпретседател да ја назначи првата дама.

Низ улиците на главниот град Хараре имаше тенкови, еден ден откако шефот на вооружените сили на Зимбабве, генерал Константино Чивенга, предупреди дека тој ќе интервенира ако Мугабе не престане со чистката во владејачката партија. Десетици лица беа уапсени откако потпретседателот беше отпуштен од функцијата на 5-ти ноември. Владејачката партија на Зимбабве по изјавата на Чивенга го обвини за „предавство“.

Војската рано денеска ја презеде државната телевизија.

Од американската и британската амбасада ги советуваат своите граѓани кои се наоѓаат во главниот град да останат во своите домови, а британскиот амбасадор на Твитер напиша дека војската останува распоредена „на стратешки локации околу Хараре“. Двете амбасади беа затворени за јавноста.

Доцна во вторникот во Хараре од страна на војниците бил физички нападнат и новинарот на Гласот на Америка кој се обидувал да известува за настаните во државната телевизија. Војниците го нападнале известувачот и неговите колеги од локалните медиуми.

Сведоците известуваат за најмалку три експлозии и пукање од огнено оружје кое се слушало во главниот град.

Официјален претставник на Стејт департментот изјави дека САД „ги охрабруваат граѓаните на Зимбабве да ги решаваат споровите на мирен начин, следејќи ги демократските и транспарентните уставни процеси во решавање на разликите“.

Многу набљудувачи на потегот за отпуштање на Мнангагва гледаат како на чекор кон поставување на сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе, како потпретседател.

Тоа ќе ја стави првата дама на позиција да стане претседател кога нејзиниот 93-годишен сопруг ќе се повлече или почине.

На Мнангагва долги години се гледаше како на најверојатен наследник на претседателот и тој ужива силна поддршка во армијата. Грејс Мугабе има поддршка во младинското крило на партијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG