Светската здравствена организација ги советува властите да не прифаќаат донации на крв од луѓе кои неодамна се вратени од земјите погодени од вирусот Зика.
Овој вид на вирус најзастапен е во Јужна Америка, посебно во Бразил и претставува најголема закана за бремените жени.
„Со ризикот од појава на нови инфекции од вирусот Зика во многу земји, избегнувањето на дарителите на крв кои се враќаат од региони кадешто е прогласена епидемија од овој вирус, се оценува како соодветна мерка на претпазливост “ изјавија од СЗО за француската новинска агенција АФП во четвртокот.
Лекарите се сомневаат дека вирусот Зика е поврзан со ретката невролошка состојба наречена микроцефалија, која предизвикува бебињата да се раѓаат со абнормално мали глави.
Бразил објави бројка од 4.000 случаи на микроцефалија од октомври до сега. Но, експертите се збунети зошто оваа појава е речиси непостоечка во другите земји на Латинска Америка кадешто има присуство на вирусот Зика.