Линкови за пристапност

Жртви на насилство и оставени без родителска грижа: Стотици деца свој дом наоѓаат во згрижувачките семејства


Загуба на родители, сиромаштија, семејни насилства. Секакви се причините поради кои стотици деца низ повеќе македонски градови и села се останати без родителска грижа и им е неопходно згрижување
Загуба на родители, сиромаштија, семејни насилства. Секакви се причините поради кои стотици деца низ повеќе македонски градови и села се останати без родителска грижа и им е неопходно згрижување

Познавачите укажуваат дека сè уште не е доволен бројот на семејствата што ги згрижуваат децата што останале без родителска грижа. Апелираат до граѓаните што се во можност, да ги отворат своите срца и домови за тие деца

Атанас, Маја, Катерина, Бојан.. Имињата на овие деца ги измисливме. Но, нивните судбини, се реални и далеку од сјајни. Тие се дел од многуте деца што останале или без родители или без родителска грижа. Поминале низ трауми какви што не треба да помине ниту едно дете.

„Загуба на родители, сиромаштија, семејни насилства. Секакви се причините поради кои им е неопходно згрижување“, вели Силвана Тушевска, мајка и згрижувачка на деца.

Силвана веќе 12 години е згрижувачка на деца. Таа, нејзиниот сопруг и синот, се одлучиле да ги отворат вратите и да станат згрижувачко семејство.

Ова не е работа, ова не е професија, ова е живот, ова е некоја мисија. Ова е нешто што те поттикнува за сè понатаму
Силвана Тушевска, згрижувачка на деца

„Јас сум се остварила како родител и како мајка на едно дете. И, секогаш мислам дека можам да дадам повеќе“, додава Силвана.

Низ нејзина грижа поминуваат и поминале вкупно 15 деца.

„Ова не е работа, ова не е професија, ова е живот, ова е некоја мисија. Ова е нешто што те поттикнува за сè понатаму“, додава Силвана.

Концептот на згрижувачки семејства во земјава не е нов, потекнува од шеесеттите години од минатиот век. Но, почна засилено да се развива од 2019 година. Со реформите за социјална заштита фокусот се стави кон згрижување на малолетните деца во семејства, наместо во гломазни институции.

Во земјава се формирани три центри за поддршка на згрижувачките семејства. СОС Детско Село е еден од тие центри.

„Потенцираме на тоа колку е важно за развојот на едно дете да има индивидуален пристап, да се чувствува сигурно, прифатено, безбедно. И, колку е тоа поразлично, отколку детето да биде згрижено во институција“, објаснува Јулијана Гапо, национална директорка на СОС Детско село.

Потенцираме на тоа колку е важно за развојот на едно дете да има индивидуален пристап, да се чувствува сигурно, прифатено, безбедно
Јулијана Гапо, СОС Детско село

Кога ги посетивме во нивната куќа во кругот на СОС Детско Село, Силвана беше сама дома со четирите деца што ги чува како свои.

„Денот ни почнува со сите утрински подготовки. Помалите одат во градинка, поголемите во училиште. Ручек, грижа дома. Како во секое биолошко семејство“, објаснува Силвана.

За да се стане згрижувач, треба да се поминат обуки во кои се оценуваат и селектираат повеќе аспекти на кандидатите. Целта е децата да бидат во семејства каде ќе добијат соодветна грижа и правилен психо-физички развој.

„Во текот на обуката ги запознаваме идните згрижувачи и со сите специфики во грижата за овие деца. Со, оној багаж што си го носат со себе, а којшто ќе има неминовно влијание врз нивниот социјален, емоционален развој, врз однесувањето“, Вели Валентина Димовска, стручен работник за обука и оценка на згрижувачи.

За разлика од посвојувањето, децата во згрижувачките семејства не остануваат засекогаш. Доколку се создадат услови тие се враќаат кај нивните биолошки родители, или, пак во некои случаи одат и на посвојување. Но, голем дел од децата остануваат во згрижувачкото семејство и до своето полнолетство, а некогаш и подолго.

„Тие понатаму мораат да имаат некого, кому ќе можат да му се обратат, кој ќе им помогне понатаму за осамостојување низ животот“, посочува Гапо.

Во земјава засега има 360 згрижувачки семејства во кои живеат 608 деца. Но, тоа што ги загрижува познавачите е што се зголемува бројот на децата кои остануваат без родителска грижа.

„Ќе бидат во сериозен проблем децата коишто се од дисфункционални семејства, деца во големи ризици, ако ние не обезбедиме поголем број на згрижувачки семејства“, укажува директорката на СОС Детско село.

Покрај физичкото насилство, имаме сексуална злоупотреба на деца од близок роднина и член на семејство
Валентина Димовска, Обучувач за идни згрижувачи

Загрижувачки се и причините поради кои тие деца остануваат привремено или постојано без грижа од биолошките родители.

„Покрај физичкото насилство, имаме сексуална злоупотреба на деца од близок роднина и член на семејство“, посочува обучувачката Димовска.

Токму тука доаѓа умешноста и посветеноста на згрижувачите.

„Згрижувачот треба да биде цврст и силен. Сите трауми на децата ги сноси и тој како негови. Како што секоја среќа го радува и весели, така и секоја траума ја преживува заедно со детето“, вели згрижувачката Силвана.

Од министерството за труд и социјала велат дека ја следат ситуацијата со ризичните семејства преку Центрите за социјална работа. Нагласуваат и дека доколку се забележи негрижа од страна на родителите и социјална запуштеност, тогаш детето се одзема и се предава во згрижувачко семејство.

Министерството, заедно со УНИЦЕФ, неодамна почна и кампања за кревање на свеста за дом и за грижа кон тие деца. Велат дека после секоја кампања бројот на згрижувачките семејства постепено се зголемува. Се надеваат дека така ќе биде и овојпат.

Згрижувачите порачуваат, отворете ги своите срца за децата што останале без најзначајаното – без родителска грижа.

„Да растат во една семејна и безбедна средина“, порачува Димовска.

„Да подадеш рака и да примиш деца во својот дом е многу благородно и многу добра работа“, вели Силвана.

„Може ќе израснат еден млад човек којшто понатаму ќе се осамостои, ќе се вработи, ќе си има свое семејство. Доколку тоа не е можно, може да го чека и сосема поразлична судбина“, укажува директорката Гапо од СОС Детско село.

Во земјава сè уште нема згрижувачки семејства во сите градови.

XS
SM
MD
LG