Линкови за пристапност

Зеленски тврди: Почнаа „првите борби“ со севернокорејските трупи распоредени од Русија


Според украинскиот претседател, Володимир Зеленски, борбените сили на Украина ги имале први вооружени судири со севернокорејските сили распоредени од Русија на линијата на фронтот
Според украинскиот претседател, Володимир Зеленски, борбените сили на Украина ги имале први вооружени судири со севернокорејските сили распоредени од Русија на линијата на фронтот

Првите битки со севернокорејските војници отвораат нова страница на нестабилност во светот, рече Володимир Зеленски во неговото редовно обраќање кон украинската нација. Сепак, од Пентагон истакнаа дека не можат да ги потврдат информациите за вклучување на севернокорејските сили во борбени дејствија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека украинската војска имала први борби со севернокорејски трупи, распоредени од Русија во нејзината инвазивна војна врз Украина.

„Првите битки со севернокорејските војници отвораат нова страница на нестабилност во светот“, рече Зеленски во неговото редовно обраќање, а кое воедно е неговото прво официјално соопштување за конфронтација со севернокорејските сили.

Првите битки со севернокорејските војници отвораат нова страница на нестабилност во светот
Володимир Зеленски, претседател на Украина

Рустем Умеров, министерот за одбрана на Украина, исто така, го потврди соочувањето со севернокорејските сили. Во интервју за јужнокорејската јавна телевизија КБС, тој посочи дека украинските и севернокорејските сили имале „мали“ борби.

„Првите севернокорејски трупи веќе се гранатирани во регионот Курск“, рече Андриј Коваленко, шеф на одделот за контрадезинформации на Советот за безбедност на Украина.

„За прв пат по генерации, трупите од Источна Азија активно се вклучуваат во европски конфликт“, се вели во анализата објавена во вторникот на Европскиот совет за надворешни односи.

Портпаролот на јужнокорејското Министерство за одбрана на денешниот брифинг рече дека во моментов има повеќе од 10.000 севернокорејски војници во Русија, од кои дел се распоредени и во области покрај самата линија на фронтот во Курск.

Изјавата, за која портпаролот Џеон Ха-Гју рече дека е заснована на разузнавачките власти, доаѓа еден ден откако американски официјални лица од одбраната истакнаа слични сознанија.

Прес-секретарот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер, изјави за новинарите дека може да има од 11.000 до 12.000 севернокорејски војници во Русија, а повеќето од нив во Курск.

Сепак, Рајдер истакна дека Пентагон не може да ги потврди извештаите за вклучување на севернокорејските војници во борбени дејствија.

Дел од содржините во оваа објава се преземени од АФП и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG