Линкови за пристапност

Зеленски: Русија ќе биде поразена како што беше поразена нацистичка Германија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека руските сили во Украина ќе бидат поразени како што беше поразена нацистичка Германија во Втората светска војна.

„Се боревме тогаш и се бориме сега за никој никогаш повеќе да не поробува други народи и да уништува други земји“, рече Зеленски во видео пораката. „И сите тие стари зла што ги враќа модерна Русија ќе бидат победени исто како што беше поразен нацизмот“.

Зеленски рече дека целта на Русија во Украина е „поробување или уништување“ и ја спореди поддршката што Украина ја доби од другите нации со сојузничките напори да ја поразат Германија во 1945 година.

„Овој непријател уште еднаш ги постави агресијата и анексијата, окупацијата и депортацијата, масовните убиства и тортурата, бомбардирањето градови и палењето села против нашите идеали“, рече Зеленски. „Нашата победа ќе биде одговор на сето ова. Победата на Украина и слободниот свет, ослободувањето на нашите земји, враќањето на нашиот народ, заштитата на нашите вредности и, неизбежно, правдата“.

Обраќањето на украинскиот лидер, исто така, вклучуваше најава за декрет да се одржи сеќавањето на победата над Германија на 8 мај, како што прават западните сојузници. Тоа е спротивно на Русија, која својата прослава ја одржува на 9 мај.

Зеленски рече дека Украина наместо тоа ќе го искористи 9 мај за да ја оддаде поддршката на Европа за Украина во годините откако Русија го анектираше Крим и откако руските сили ја започнаа својата целосна инвазија минатата година.

„Ова ќе биде Ден на Европа, кој ни помага да се бориме во сите правци: на бојното поле со оружје и на дипломатскиот фронт – со одлучност, во економијата и на правниот фронт“, рече Зеленски. „Ова ќе биде Денот на Европа – наш сојузник кој им дава засолниште на украинските жени и деца и не задира во нашиот суверенитет и не го доведува во прашање нашето право да го избереме нашиот национален пат“.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG