Пред судот во Њујорк почнаа завршните зборови на одбраната и обвинителството, на судењето на Доналд Трамп за случајот со исплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс.
Одбраната прва се појави пред поротниците. Адвокатскиот тим на Трамп соопшти дека обвинителството не докажало дека поранешниот претседател е виновен за фалсификување деловни документи, со кои сакал да ја прикрие исплатата на Сторми Даниелс.
„Претседателот Трамп е невин. Тој не изврши никакво кривично дело, окружниот обвинител не успеа да го докаже тоа. И точка“, рече адвокатот на Трамп, Тод Бланш.
Тој ги повика поротниците да се фокусираат на документите во срцето на случајот наместо на другите елементи.
Тој исто така им порача да не се потпираат на сведочењето на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, кој рече дека и платил 130.000 долари на Сторми Даниелс, а Трамп подоцна му ги вратил парите. Бланш, сепак, тврди дека парите всушност биле тарифа на Коен, која Трамп редовно му ја плаќал.
Поранешниот претседател е обвинет за фалсификување деловни документи за да ја прикрие исплатата од 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс, за таа да не зборува јавно за нивната афера. Сето ова се случува во кампањата за изборите во 2016 година и обвинителството тврди дека со прикривањето на целата приказна Трамп всушност сакал да спречи лошо влијание врз неговиот имиџ во кампањата, бидејќи во моментот на аферата со Даниелс бил веќе во брак со Меланија. Трамп ги отфрли сите обвинувања.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор од 4 години - иако тешко дека ќе ја добие, бидејќи претходно не бил осудуван.
Одбраната не мора да ги убедува поротниците во невиноста на Трамп, а за да го спречат тој да биде прогласен за виновен, треба само да убедат еден од 12 поротници дека обвинителството не ја докажало вината. Товарот на докажување на вината е целосно на обвинителството.
Сите 12 поротници мора да бидат на иста страна - дека Трамп е виновен, или не, за да биде валидна пресудата.
Во среда, пред да започне судењето за вината на Трамп, се очекува судијата Хуан Мерчан да ги поучи поротниците што да земат предвид при одлучувањето за судбината на поранешниот претседател.
Минатата недела и обвинителството и одбраната дебатираа со судијата како да ја поучат поротата – што укажува на големата важност на тој процес.
Имено, правниот тим на Трамп бараше судијата да и каже на поротата дека исплатите на Даниелс за да молчи за аферата во суштина не биле незаконски, што обвинителството го нарече „целосно несоодветно“. Судијата оцени дека ваквата инструкција е непотребна и оти отишла предалеку.
Адвокатите, исто така, побараа Мерчан да ја земе предвид „исклучително важната“ природа на овој случај и да апелираат до поротниците да донесат „многу конкретни заклучоци“. Судијата исто така одби и изјави дека не е во ред да се отстапува од стандардните упатства.
Обвинителството побара од судијата да каже дека тоа што некој е претседателски кандидат не го оправдува мотивот за исплата што има охрабрувачки ефект врз неговата кампања. Адвокатите на одбраната бараат од судијата да каже дека таквата исплата ќе се случела дури и ако лицето не е кандидат за претседател и не треба да се гледа како дел од кампањата.
Поротниците ќе одлучуваат тајно, во просторија специјално дизајнирана за таа намена. Тие можат да комуницираат со судот преку белешки - на пример, можат да побараат правни упатства од судијата или пак да им биде доставен дел од сведочењето.
Не е познато колку долго жирито ќе расправа, ниту пак има некаква граница. Тие треба да разгледаат 34 точки од обвинението и тоа може да потрае - па можеби нема да заврши оваа недела.
Доколку поротата не постигне консензус по неколку дена, работите би можеле да станат уште покомплицирани.
Адвокатите на Трамп би можеле да бараат ново судење, но поверојатно е судијата да ги повика поротниците на консултации и да ги советува да продолжат да размислуваат додека не донесат одлука.
Ако и по тие упатства поротниците не можат да донесат одлука, судијата може да изјави дека нема договор во поротата и да нареди ново судење.
Facebook Forum