Линкови за пристапност

Затворена скопската Зоолошка градина, потврдено присуство на „птичји грип“


Станува збор за болеста Авијарна инфлуенца или „птички грип Х5Н1“. Зоолошката градина ќе биде затворена во наредните 21 ден. Еутаназирани се триесетина птици. Од Град Скопје демантираат и најавуваат кривични пријави

СКОПЈЕ – Скопската Зоолошка градина утрово беше евакуирана а откако е потврдено присуството на високо заразниот вирус „птичји грип Х5Н1“ ќе биде затворена во наредните 21 ден. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопштија дека анализите го потврдиле присуството на овој опасен вирус од кој може да се заразат луѓето односно посетителите. Се претпоставува дека носител е гуска кој долетала во Зоолошката градина пред неколку дена.

„По лабораториско тестирање на угинатата птица, со лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, од 18.10.2024 година, потврден случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на Птичји грип Х5Н1. Забранет е влез и излез на животни од Зоолошката градина, ограничено е движењето на луѓе (посетители) во зоолошката градина, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на Птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето. Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители “, стои во соопштението на АХВ.

Тимови на АХВ, со заштитна опрема и комбинезони, утрово влегоа во Зоолошката градина, ги евакуираа сите посетители и потоа ги хумано усмртија триесетина птици затекнати на просторот на угинатата гуска.

Директорот на Зоолошката градина Зоран Попов не одговори на телефонските повици а попладнево официјално од Зоолошката градина соопштија дека инспектори на АХВ без налог, решение или каков било друг доказ упаднале во Зоолошката и убиле неколку десетици птици и најавија кривични пријави за директорот на АХВ и тимовите кои „со оружје“ упаднале во ЗОО Скопје и обвинија дека во позадина стои премиерот Мицкоски.

„Од изутринава без налог, решение или каков било друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк. Целта е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“, обвинуваат од Зоолошката градина.

Последните случаеви на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.

XS
SM
MD
LG