Линкови за пристапност

Застрелана мигрантка од страна на македонската полиција


Жена мигрант која била дел од група мигранти настрадала од куршум во близина на гевгелиската касарна, откако со помош на двајца криумчари се обиделе илегално да поминат низ македонска територија. Нема податоци за возраста на мигрантката, и од каде е бидејќи со себе не носела документи за идентификација. Според полицијата мигрантите биле превезувани со две патнички моторни возила од страна на две лица од Скопје.

„Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на итна медицинска помош, каде починал“, велат од МВР.

Известен е јавен обвинител и одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот. Основното јавно обвинителство извршило увид и по документирање на случајот и ќе се поднесат соодветни пријави. Полицијата во друг случај одделно, денес на локалниот пат Прдејци- Смоквица, приведе уште еден кримчар, кој превезувал четворица Сиријци, од кои едниот бил малолетник. 57 годишниот кримчар бил задржан во полициска станица, а мигрантите се сместени во прифатно-транзитен центар. Против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Иако нема точни бројки, колку мигранти, завршиле трагично поминувајки низ земјава, според хуманитарката Ленче Здравкин, тој број е повеќе од 50.

„Често се случуваат вакви напади, бегства и престрелки помеѓу полицијата и криумчарите. Жално, но бројката на загинати бегалци на наша територија постојано расте. Доколку има кој да го извести семејството на починатиот бегалец или пак да дојде член од фамилијата за идентификација, дозволено е починатиот да се транспортира до матичната земја“, вели Здравкин.

Бегалци се уште има, но мала е бројката на оние, кои што пеш се обидуваат да ја преминат границата. Најчесто сега тоа го прават со помош на кримчари, додава Здравкин.

Според официјалните податоци на МВР, во првите три месеци од 2023-та година, на границите со соседните земји спречени се вкупно 2.147 обиди за илегални преминувања, од нив 1.849 обиди се спречени на влез во државата.

„Најголем дел од обидите се спречени на границата со Р. Грција, каде на влез спречени се 1.746 обиди, потоа во Р, Србија-81 обиди, Р. Албанија-20 обиди и по еден обид на границите со Р. Косово и Р. Бугарија.

Според структурата, најголем дел од спречените обиди се на мигранти кои се по потекло од Сирија, Мароко, Конго и други“, велат за Глас на Америка од МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денес им посака добредојде на службениците на Фронтекс, кои ќе бидат распоредени на границата кон Република Грција и го поздрави официјално започнување на заедничката операција ,,Северна Македонија 2023“. Во текот на оваа година, Фронтекс , треба да распореди повеќе од 100 службеници, патролни возила и специјална опрема на македонско-грчката граница со што значително ќе се зголемат капацитетите за откривање на илегалните активности долж границата. Заедничката операција со македонската полиција ќе трае до 24 јануари, 2024-та година, со можност за нејзино продолжувње.

„Истата има за цел поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, во прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети“, велат од МВР.

Истата треба да придонесе за поефикасно справување со прекуграничниот криминал, вклучително и криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и тероризмот како глобални предизвици.

XS
SM
MD
LG