Линкови за пристапност

Законот за трансформација на министерствата во Владата, тест за двотретинското мнозинство


Од владејачкото мнозинство велат дека засега немаат обезбедено 80 гласови во Собранието. Очекуваат опозицијата да ја поддржи планираната реорганизација на министерствата. Формирањето на двете клучни комисии, законодавно – правната и комисијата за политички систем приоритет

СКОПЈЕ – На мнозинството во Собранието му недостасуваат два гласа за да го има неопходното двотретинско мнозинство неопходно за да се изгласаат двата клучни закони на стартот на мандатот, Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) и законот за локална самоуправа. По денешната координација кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, од мнозинството соопштија дека имаат 78 гласа но и дека се надеваат дека опозициските партии ќе го поддржат законот за органите на државната управа кој е неопходен за трансформирање на дел од министерствата и воведување на три нови министерства во Владата. Двотретинско мнозинство ќе биде потребно и за измените во Законот за локална самоуправа со кои ќе се продолжи периодот во кој Советот на општината ќе може да назначи в.д. градоначалник а со кои ќе се избегнат избори во неколку општини каде градоначалниците се избрани за пратеници или пак ќе бидат дел од идната Влада.

И за власта и за опозицијата клучно е формирањето на Законодавно правната комисија и комисијата за политички систем кои се првиот филтер за двата закона пред да стигнат на гласање кај пратениците.

„Очекувам да обезбедиме двотретинско мнозинство. Во моментот работиме на Законот односно преструктурирање на одредени министерства и ја очекувам поддршката од 80 пратеници за да се овозможи барањето на граѓаните. При крај сме со законското решение. За мене е приоритет да се формираат работните тела односно комисиите за да може да поминат законите кои допрва ќе доаѓаат. Законот сигурно ќе биде поднесен до формирањето на Владата очекувам и дека ќе го донесеме“, изјави Никола Мицевски од ВМРО – ДПМНЕ.

Текстот со измените ќе биде готови до крајот на неделава за кога се очекува и да биде закажана првата седница на новиот состав на законодавниот дом.

„Најавено е дека законското решение е при крај и деновиве ќе биде и официјално поднесено. Се работи за законите за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства. Партиите работат и на формирање на собраниските комисии, а приоритетни се Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем, низ кои мора да поминат овие закони“, рече Халил Снопче од коалицијата „Вреди“.

Опозицијата официјално не потврди дали ќе ги поддржи законските измени.

„Треба законот официјално да дојде во Собрание, на невидено не можеме да кажеме. Треба да ги видиме законите и официјалниот текст па потоа ќе донесеме одлука дали ќе ги поддржиме. Динамиката за затворање на процесот за формирање на сите комисии зависи од претседателот на Собранието“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.

ДУИ исто така не најавуваат поддршка.

„Ние не сме го виделе законот, кога ќе го разгледаме ќе дадеме конкретно мислење. Од тоа што слушаме овие законски измени им служат на ВМРО – ДПМНЕ и нивната програма. Ова покажува дека без легитимитет секој може да се поигрува со ресорите“, соопшти Блерим Беџети од ДУИ.

Гласањето на ЗОРОДУ е битно бидејќи со него ќе се овозможи трансформација на Владата како што беше најавена со презентација на изборната програма на ВРМО – ДПМНЕ. Владата на идниот мандатар Христијан Мицкоски ќе брои 23 министерства од кои три ќе бидат без ресор.

Се воведуваат три нови министерства – за спорт, за дигитална трансформација, и за енергетика, рударство и минерални суровини а реорганизација ќе има кај министерството за економија кое ќе стане Министерство за економија и труд, а досегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Во Министерството за култура ќе се додаде и секторот туризам.

Во новата Влада на ВМРО – ДПМНЕ ќе му припаднат 13 министерства, меѓу кои се клучните за безбедноста и надворешната политика, односно внатрешни, одбрана, надворешни работи, правда, финансии како и новите за спорт, за енергетика рударство и минерални суровини и министерството за дигитална трансформација.

Коалицијата „Вреди“ ќе добие вицепремиерско место, министерството за економија, за животна средина, социјална политика, министерство за европски прашања и здравство а „ЗНАМ“ ќе ги добие правда и администрација.

Претседателката Гордана Силјановска Давкова до крајот на неделава ќе го додели мандатот на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ кој има рок од 20 дена да го состави кабинетот и да ја изготви програмата која ќе ја презентира пред пратениците.

XS
SM
MD
LG