Линкови за пристапност

Законот за реорганизација на министерствата ќе оди по скратена постапка


Законските измени попладнево одат во комисијата за политички систем а потоа и во законодавно – правната комисија. Доколку ги мине овие два филтри, рокот за скратена постапка е три дена и измените ќе се најдат пред пратениците на гласање на седница во вторник а потребни се 80 гласа

СКОПЈЕ – Со 74 гласа „ЗА“, 24 „против“ и ниту еден воздржан Собранието денес ја изгласа потребата од законски измени неопходни за реорганизација на министерствата во идната Влада која ќе ја предводи мандатарот Христијан Мицкоски. Измените во Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) предвидуваат трансформација на ресорите во Владата и од постоечките 16 новата Влада ќе има 20 министерства.

За пратениците од владејачкото мнозинство, законските измени се неопходна реформа додека за опозицијата е несфатливо измените да одат по скратена постапка бидејќи станува збор за системски закон.

Во име на предлагачот, идниот мандатар Христијан Мицкоски, пред пратениците во Собранието ја образложи потребата за реорганизација на министерствата која би се случила доколку законското решение го добие потребното двотретинско мнозинство или 80 гласа.

„Коалицијата „За твоја Македонија“ се обврза да преземе активности со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државната управа со можност за спојување или укинување на одредени државни органи. Денес и тоа го правиме преку овој Предлог за измени на Законот, при што очекувам да бидат усвоени во најкраток можен рок согласно деловничките можности“, кажа Мицкоски.

Партиите „Левица“ и „СДСМ“ бе апротив носењето на законските измени по скратена постапка бидејќи станува збор за системски закон и сметаат дека се крши собранискиот деловник. Нивниот предлог за повлекување на точката од дневниот ред не го доби мнозинството гласови.

„Ние го добиваме материјалот во среда, значи пред еден и пол ден. И вчера во 22 часот и 20 минути вие го повлекувате и пуштате друга измена. Како очекувате сега пратениците да се изјаснат за нешто толку важно кога ние не можеме да стигнеме да го разгледаме првиот предлог, а сега ниту вториот и не знаеме каде е измената“, изјави Крмов.

СДСМ смета дека за овие законски измени мора да има општествен дијалог.

„Во законското решение стои дека нема фискални импликации. Факт е дека се формираат четири нови министерства, има спојување на агенции, значи има фискални импликации и за тоа треба да се разговара“, изјави Спасовски.

Законските измени сега патуваат во комисијата за политички систем која е првата станица а потоа и во законодавно – правната комисија. Доколку ги мине овие два филтри, законскиот рок за скратена постапка е три дена што значи дека измените ќе се најдат повторно пред пратениците на гласање на седница во вторник. Тогаш се очекува да биде и првиот тест за владејачкото мнозинство и за тоа дали се обезбедени неопходните 80 гласа односно двотретинско мнозинство.

Измените предвидуваат на Министерството за економија да се додаде сегментот труд, а досегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Министерство за спорт ќе ја наследи Агенцијата за млади и спорт а дел од надлежностите на министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Ингеренциите за туризмот ќе ги има ново министерството за култура и туризам, ќе се формира министерство за дигитализација кое ќе го наследи досегашното министерство за информатичка технологија и администрација и ќе се формира министерство за администрација.

XS
SM
MD
LG