Линкови за пристапност

Законот за легализација на дивоградби не помина во Собранието


Предлагачот предвидуваше легализација на голем број дивоградби во заштитени подрачја, национални паркови, природни резервати. Невладините ја поздравија одлуката на пратениците, сметаат дека со усвојувањето ќе се легализираа нелегалните активности и ќе се мотивираа граѓаните да кршат закони

СКОПЈЕ – Нов закон за легализација нема да има бидејќи пратениците на денешната седница го огромно мнозинства гласаа против законските измени кои ги предложи пратеникот Скендер Реџепи, а кои предвидуваа легализирање на огромен број на дивоградби во заштитени подрачја, национални паркови и зони на извори на вода за пиење.

Вкупно 63 пратеници гласаа „против“, 20 беа „за“ а еден пратеник гласаше воздржано.

Предлагачот, пратеникот Скендер Реџепи, образложувајќи ги измени пред пратениците наведе дека со законските измени се носи сигурност кај семејствата кои имаат дивоградби и дека нивниот број е околу 50 илјади.

„Има над 50 илјади семејства кои живеат во дивоградби. Ние сме пратеници и одговорни сме и за овие 50 илјади семејства кои живеат во дивоградби, и на оваа категорија на граѓани треба да им се создадат подобри услови за живот и безбедност. Ова се граѓани во тешка состојба. Не се криминалци. Со овие измени морковот е за граѓаните а стапот за инспекторатите кои не си ја вршат својата работа“, рече Реџепи.

Невладините кои беа решително против овие измени на Законот за легализација ја поздравија одлуката на пратениците.

Татјана Стојановска - „О2 Коалиција“
Татјана Стојановска - „О2 Коалиција“

„Со големо задоволство ја примивме веста дека пратениците имаа слух за ставот, напорите и заложбите на граѓанските здруженија да се оневозможат измените во Законот за легализација на дивоградбите. Конкретно наведовме зошто овие измени ќе донесат големи проблеми во урбанизмот и легализацијата. Ваквите измени не носат во многу лоша насока, граѓаните да го кршат законот. Со продолжување на временскиот рок и можноста да се легализира на места од државно и јавно значење даваме на граѓаните порака за неказнивост. Доколу измените беа изгласани тоа ќе беше оксиморон ќе направевме легализација на нелегални активност. Законите се пред сè. Не може да давате мотив на граѓаните да кршат закон со можност потоа да се легализираат објектите“, изјави Татјана Стојановска од невладината „О2“.

Скендер Реџепи, пратеник и предлагач на законските измени
Скендер Реџепи, пратеник и предлагач на законските измени

Според измените кои ги предложи пратеникот Реџепи, официјалната бројка на Државниот завод за статистика (ДЗС) од 662 дивоградби е далеку од реалната слика на теренот а требаше да ги опфати дивоградбите изградени до 31 декември 2022 година.

„Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите со намена домување во станбени куќи се пресметува врз основа на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште, кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овие објекти, и тоа за делот од површината на бесправниот објект до 80 метри квадратни зголемува за 50 отсто, а за делот од површината на бесправниот објект над 80 метри квадратни се зголемува за 100 отсто и се множи со површината на бесправниот објект која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект“, предвидуваа измените како еден вид на казна за сопствениците на дивоградби.

Невладините организации минатата недела жестоко реагираа на законските измени барајќи да се повлечат или да не се изгласаат, што и се случи. Наведоа огромен број на забелешки.

„Се легализираат базени, станбени згради за колективно домување, викенд куќи, хотели, ресторани, трговски центри, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за производство на енергија од обновливи извори, складишта за нафтени деривати, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, депонии на инертен, неопасен и опасен отпад, рудници, автокампови, времени објекти, доградби, надградби, остави и гаражи. Странски правни и физички лица можат да бидат баратели. Државното земјиште на кое се легализираат бесправно изградените објекти е предмет на откупување“ се дел од забелешките наведени во заедничкиот допи на невладините организации.

Во мај 2021 година Собранието со 72 гласа „ЗА“ по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Интересно е што за овие законски измени поддршка дадоа пратеници од власта но и од опозицијата.

А овој закон предвидуваше легализација на дивоградби во заштитени подрачја, национални паркови, во регионот на Охрид и Струга заштитени со УНЕСКО, природни резервати и подрачја на заштитено недвижно културно наследство, како и во зона на извори на вода за пиење.

Со овој закон сопствениците може да легализираат згради, куќи, доградби и надградби на згради и куќи па дури и гаражни, остави и нелегално изградени базени. Периодот кој го предвидуваше овој закон беше до средината на мај 2021 година односно стапување во сила на законот.

Според законот, единствена казна за сопствениците на дивоградбата би било тоа што ќе им се наплати 50 отсто повисоки трошоци за комуналии од легалната постапка

Три дена откако Законот мина во Собранието беше на маса пред претседателот Стево Пендаровски кој одби да го потпише указот бидејќи по анализата на неговиот правен тим заклучил дека е спротивен на Уставот, ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи и уште повеќе стимулира непочитување на правните прописи.

„Сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт. Фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Донесениот Закон, е спротивен на член 43 од Уставот во кој секому се гарантира правото на здрава животна средина, а државата се обврзува да создава услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, соопштија тогаш од Кабинетот на претседателот.

Законот беше вратен кај пратениците кои одлучија да не го ставаат овој Закон повторно на гласање, а според законските прописи доколку повторно беше изгласан претседателот Пендаровски ќе мораше да го потпише указот.

Легализацијата на дивоградби првпат беше овозможена преку Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени а со постојното законско решение крајниот рок до кој можеа да се поднесат барања за легализација на дивоизградени објекти беше до 31 декември 2018 година со услов дивоградбата да била изградена најдоцна до март 2011 година.

XS
SM
MD
LG