Новиот закон во сојузната држава Луизијана со кој се бара од државните училишта да ги прикажуваат Десетте заповеди во училниците, поттикна национален дијалог за поделбата на црквата од државата во образованието.
Законот, потпишан минатата недела од гувернерот Џеф Ландри, ја воспоставува Луизијана како прва сојузна држава која наложува прикажување на Десетте заповеди во училниците во јавните училишта. Други сојузни држави, вклучувајќи ги Оклахома и Тексас, се обидоа да донесат слична легислатива, но не успеаја.
Законската регулатива бара секоја училница и универзитет финансиран од државата да прикажат постер на кој се напишани Десетте заповеди заедно со „контекстуална изјава“ од четири параграфи до почетокот на 2025 година.
Државниот претставник Доди Хортон, кој беше автор на нацрт-законот, во негова одбрана во Домот на Луизијана во април говореше: „Десетте заповеди се основата на сите закони во Луизијана“ и дека е од клучно значење да се врати нивната важност.
Ендрју Сајдел, потпретседател за стратешки комуникации за Американ Јунајтерд за Обединети за поделба меѓу црквата и државата за Гласот на Америка изјави: „Ниту 24 часа откако гувернерот го потпиша овој закон – реакцијата беше сеопфатна, негативна и национална.“
Групите за граѓански слободи, вклучително и Американ Јунајтед и Американската унија за граѓански слободи, во понеделникот поднесоа заедничка тужба велејќи дека законот го прекршува Првиот амандман.
Тужбата има за цел да добие судска одлука со која се прогласува дека законот ги прекршува клаузулите од Првиот амандман за заштита на верските слободи. Дополнително, бара судска наредба да се спречи прикажувањето на Десетте заповеди во училниците во државните училишта.
Лиз Мурил, јавен обвинител на Луизијана, објави изјава во која го брани законот.
„10-те заповеди се прилично едноставни (не убивај, не кради, немој да ја изневеруваш сопругата), но тие се исто така важни за темелите на нашата земја... Со нетрпение очекувам да го одбранам законот“.
Сајдел рече дека споровите во врска со прикажувањето на Десетте заповеди во училниците не се нови.
Во случајот Стоун против Греам од 1980 година, Врховниот суд оцени дека приказите како оваа се неуставни бидејќи ја прекршиле клаузулата за основање од Првиот амандман, која ги раздвојува црквата и државата.
„Тоа е она што е дизајнирано да го направи одвојувањето на црквата од државата, да му дозволи на секое семејство, секој родител, секој поединец во САД да си ја избере својата религија без мешање од државата, се додека не им наштетуваат на другите“, изјави Сајдел.