СКОПЈЕ – Владата најавува мерки во случај на поскапување, опозицијата достави предлог закон за укинување на ДДВ-то на прехранбените производи, граѓаните во исчекување дали ќе има нов ценовен шок или не.
„Цените речиси и да се исти без разлика за какви мерки станува збор. Треба нешто поконкретно да се преземе бидејќи нашиот стандард не може да издржи ново поскапување. Дали тоа ќе биде од Владата мерка или пак од опозицијата закон мене ми е сеедно, битно ми е цените да се контролираат“, вели пензионер од Скопје.
Најголемата опозициска партија СДСМ, до Собранието поднесе законски измени со кои ќе се укине ДДВ-то на прехранбените производи кое во моментов изнесува 5 отсто. Пресметките на СДСМ се дека заштедата на едно семејство во месецот, доколку измените се прифатат би изнесувала до две илјади денари.
„Со ова законското решение се опфатени над 250 категории на производи за кои ДДВ то ќе се намали од 5% на нула проценти. Тоа ќе даде реален ефект и вистински ќе ги намали малопродажните цени на прехранбените производи, со што ќе се намали и вредноста на потрошувачката кошница. Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, што значи ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети. Бенефитите ќе бидат за граѓаните а воопшто нема да ги оптоваруваат компаниите. Оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата“, изјави Јована Тренчевска, пратеник од СДСМ.
Од партијата нагласија дека владините мерки не дадоа резултат и дека реалната заштеда е 57 денари.
Владејачката ВМРО – ДПМНЕ останува на сатвот дека доколку има ново поскапување ќе има нови и поригорозни мерки а предлог законот на СДСМ го окарактеризираа како демагогија и најавија дека нема да го поддржат.
„Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот“, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, очекува намалување на веќе овој месец откако трговците ќе ги истрошат залихите во магацините за кои тврдат дека ги имаат и новата стока ќе ја набават согласно новите пракси предвидени со Законот за забрана за нефер трговски практики. Трговците имале забелешки и околу овој закон.
Пресметките на економија беа дека заштедата на едно семејство со мерката „есенска потрошувачка кошница“ беа до 1.360 денари во зависност од начинот на исхрана и маркетите во кои се купувале продуктите но потврди и дека некои продукти како лебот, маслото за јадење и млечни производи воопшто не беа со намалени цени.
Министерот Дурмиши најави дека вакви мерки , односно „потрошувачки кошници“ ќе има и во иднина но сега тие ќе траат меѓу 15 и 30 дена а планирани се за новогодишните односно Божиќни празници, за Рамазан и за Велигден.
Facebook Forum