Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, пред комисија на американскиот Конгрес изјави дека високи претставници на администрацијата на Бајден вршеле притисок врз компанијата да цензурира одредени содржини на Ковид-19 за време на пандемијата и дека компанијата направила избори што нема да ги направи денес.
Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом го објави писмото на Закерберг во понеделникот.
Закерберг напиша дека цензурираната содржина вклучува хумор и сатира, и дека службениците на администрацијата „искажаа многу фрустрација со нашите тимови кога не се согласивме“.
„Верувам дека владиниот притисок беше погрешен и жалам што не бевме поотворени за тоа“, рече Закерберг.
Тој, исто така, разговараше за напорите од 400 милиони американски долари извршени преку неговата добротворна фондација пред претседателските избори во 2020 година, за кои рече дека се насочени кон обезбедување на урбаните, приградските и руралните заедници да имаат ресурси за да им овозможат на луѓето безбедно да гласаат за време на глобална пандемија.
„И покрај тоа што анализите што ги видов покажаа поинаку, знам дека некои луѓе веруваат дека оваа работа била од корист на едната пред другата страна. Мојата цел е да бидам неутрален и да не играм улога на овој или оној начин или дури и да изгледам дека играм некоја улога. Затоа, не планирам да дадам сличен придонес во овој циклус“, рече Закерберг.
Писмото доаѓа на околу два месеци пред ноемвриските општи избори во САД.
Некои информации за овој извештај дадоа агенцијата Франс прес и Ројтерс.
Facebook Forum