Линкови за пристапност

Загадувањето на Охридското Езеро забележано на фотографии од авион


Една од најголемите закани, која има долгорочни последици врз езерото е испуштањето на нетретирани отпадни води од населените места, кои не се поврзани се уште на колекторскиот систем“, вели Ѓоко Зороски, еколошки активист.
Една од најголемите закани, која има долгорочни последици врз езерото е испуштањето на нетретирани отпадни води од населените места, кои не се поврзани се уште на колекторскиот систем“, вели Ѓоко Зороски, еколошки активист.

Најголеми загадувачи на Охридското Езеро остануваат речните притоки кои се влеваат во него, алармираат граѓанските активисти. Последниот таков случај е кај вливот на реката Сатеска во Охридското Езеро, каде езерската вода од светло сина е претворена во темно кафеава. Поради ваквата состојба која е присутна со години, водата во овој дел од езерото според Центарот за јавно здравје е од трета и четврта категорија.

Охридско Езеро
Охридско Езеро

„Проблемот со Охридско Езеро е во тоа што голем дел од граѓаните на Охрид, Струга и Поградец со локалните села, како и целата наша држава, над 30 години го третираат езерото како обична бара, а не како најстар и најголем природен базен во Европа. Ние како активисти сме згрозени од оваа слика, поради што бараме од надлежните органи да се испита од што точно е настаната оваа проблематика и еднаш засекогаш да се заврши приказната со реката Сатеска“, вели Виктор Крстаноски од Здружението за заштита на природното и национално богатство на Македонија, Енхелеус Лихнид.

Тој вели дека државата треба да инвестира повеќе во подобрување на колекторскиот систем за заштита на езерото, како и во поставување на нови станици за прочистување.

„Секогаш теретот паѓа на охриѓани кога се работи за езерото, а треба целата држава но и целиот свет да се ангажира и да се спаси секоја педа од овај бисер“, додава Крстаноски.

Ѓоко Зороски, еколошки активист вели дека нетретираните води кои завршуваат во езерото се исто така сериозна закана за него.

Ѓоко Зороски, еколошки активист
Ѓоко Зороски, еколошки активист

„Во последните 20 години изградени се доста капацитети на администрацијата на општата јавност, меѓутоа тие капацитети се уште не се доволни за одржливо управување со Охридското Езеро. Една од најголемите закани, која има долгорочни последици врз езерото е испуштањето на нетретирани отпадни води од населените места, кои не се поврзани се уште на колекторскиот систем“, смета еколошкиот активист, Ѓоко Зороски.

Тоа доведува до еутрификација и загадување на Охридското Езеро, иако во последните неколку години извршена е рехабилитација на колекторскиот систем вели Зороски.

„Сепак во изминатите 20 години и сега се издвојуваат минимални средства од државниот буџет за директна заштита на еден од најскапоцените еко системи во Македонија. Хранливите материи и присуството на фосфорот мора да се намалат за 50 проценти во следните години, во спротивно под влијание на климатските промени, процесите на еутрификација ќе се забрзаат“, вели Зороски.

„Оваа перспектива дава појасна слика на проблемот кој трае со децении, од пренасочувањето на речниот ток во езерото. Најголем дел од притоките, за жал, се загадени, и сите тие наноси завршуваат директно во езерото. Институциите, по навика, не реагираат, за нив ова не е проблем“, велат од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Со пренасочување на реката Сатеска во реката Црн Дрим, во одреден степен ќе се намали внесот на фосфор и наноси во Охридското Езеро, со што директно ќе се придонесе кон намалување на загадувањето. Друг проблем кој останува, а на кој предупредуваат еколошките активисти е загадувањето од нафта и бензин, на кои што работат пловните објекти, кои пловат низ езерото.

„Од албанска страна се истакнуваат големиот број на јаловина, кои се во близина на езерскиот брег и кога има големи дождови, тие се пробиваат во Охридското Езеро и се испуштаат големи количини на загадувачки материи“, додава еколошкиот активист, Ѓоко Зороски.

Еден од потенцијалните и континуирани загадувачи на Охридското Езеро, години наназад, покрај реката Коселска, реката Велгошка е и реката Сатеска, вели Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје, Охрид.

„Центарот за јавно здравје Охрид во текот на секоја летната сезона врши анализа на примероци земени од оваа река пред самиот нејзин влив во Охридското Езеро. Преку 80% проценти од анализираните примероци покажуваат отстапување од вредности на физичко-хемиските или микробиолошки параметри, пропишани за водотеци кои се вливаат во Охридското Езеро, односно најчесто водата припаѓа на трета или четврта класа, а би требало да припаѓа на прва или втора класа на вода. Покрај хемиското и микробиолошко загадување, она што е особено забележливо е големото количество на седимент, песок, земја, кој со себе го носи реката Сатеска и истиот се таложи на дното на Охридското Езеро на самиот влив на реката во езерото, а понатака истиот седимент се разнесува во пошироката околина од вливот, што претставува сериозно оптеретување за езерскиот екосистем“, вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје Охрид.

Точков вели дека градежните работи што последните неколку години се одвиваат на делницата на автопатот Охрид-Кичево, во непосредна близина на коритото на реката Сатеска, имаат свое дополнително зголемено влијание на загадувањето на Сатеска, а со тоа и на Охридското Езеро.

XS
SM
MD
LG