Линкови за пристапност

Новинарите и Националната мрежа за борба против хомофобијата побараа Заев јавно да се извини


Премиерот, пак, за Државната новинска агенција денес изјави дека станува на неговите определби и вредности за кои отсекогаш се борел

По изјавата на премиерот Зоран Заев, кој кажа дека „нема да дозволам криминалци, еве со извинување до ЛГБТИ заедницата, еден педер, како и суетен новинар да ја срушат владата“, со реакции се јавија и невладините и новинарските организации. Новинарскиот синдикат му порача на премиерот да внимава што зборува.

Реакции по изјавата на Заев: Јавно извинување се бара од премиерот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

„Ја осудуваме изјавата на премиерот во која тој покажа голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен““, напишаа од Синдикатот.

Во „суетниот новинар“ за кој зборува Заев се препозна Бранко Геровски, кој на социјалните мрежи напиша дека дека не очекувал вакво нешто од премиерот.

„Ваква оркестрирана харанга, вакви страшни и неосновани клевети. Се прашувам дали ноќеска треба да очекувам партиската војска да ми тропне на врата или нешто уште пострашно да се случи“, вели Героски.

ЗНМ, пак, го повика Заев веднаш да им се извини на новинарите.

„А пред сѐ на колегата Бранко Героски доколку оваа негова изјава беше упатена кон него и во иднина да се воздржи од вакво дискредитирање на новинарите“ , стои во реакцијата на ЗНМ.

Во одбрана на Заев застана неговата партија.

„Некој новинар вика дека има докази, а не ги пријавил во обвинителство и за лична корист објавувал колумни, веројатно во таа смисла беше кажано суетен новинар“, изјави Костадин Костадинов од СДСМ.

За употребата на зборот „педер“ се јави и Агенцијата за медиуми, која смета дека премиерот наместо да покаже највисоко ниво на почитување на различностите, употребува етикетирање кое е дерогирачко за ЛГБТ-лицата.

Од националната мрежа за борба против хомофобија побараа од Заев да се извини јавно.

„Ве повикуваме интензивно и сериозно да се зафатите со унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Тоа е единствен начин да се надомести за исклучувањето, стигмата и насилството кое оваа заедница го искусува и да се изгради едно општество за сите“, се вели во реакцијата.

Опозицијата виде простор за напад врз власта и побара оставка од Заев, како и предвремени избори.

„Вчерашната изјава на Зоран Заев точно ја отсликува психичката состојба во која тој се наоѓа и воопшто не е наивна. Зоран Заев е очаен и нервозен, и тоа можеше да се види многу јасно. Зоран го губи тлото под нозете и веќе не е во состојба да одлучува за иднината на граѓаните и нашата држава Република Македонија“, изјави Димче Арсовски од ВМРО - ДПМНЕ.

Заев, пак, за државна новинска агенција денес изјави:

„Ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, навистина жалам и затоа го давам ова појаснување, но останувам на моите определби за кои претходно зборував, како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел. А, зошто под квалификативот „еден суетен новинар“ се препознал новинарот Бранко Героски тоа треба него да го прашате“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG