Не може секој да биде премиер, ете јас јас добив честа и ако треба животот ќе го оставам за да ја видам среќата кај мојот народ, рече премиерот Зоран Заев во 2017-та година.
Точно четири години подоцна, по одржани локални, претседателски и вонредни парламентарни избори во 2020-та, Заев и СДСМ се` уште се на власт.
Во меѓувреме се случи компромисот за името, зачленувањето во НАТО, деблокирањето па повторното блокирање на евроинтеграциите, овојпат поради Бугарија, пандемијата и справувањето со нејзините ефекти и здравствени и економски.
Иако дојде на бранот на незадоволство од начинот на кој владееја претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, и обвинувањата за партизирање на државата и коруцпија на високо ниво, ниту оваа постава на остана имуна на таквите појави.
Поддршката за оваа власт дополнително беше начната откако ветеното „правда за сите“ не беше до крај испорачано.
Заев, политички, го „преживеа“ и бегството на Груевски и скандалот „Рекет“, промената на името и заминувањето од високи позиции во СДСМ на негови сопартијци и, досега, аферите поврзани со негови блиски соработници.
ПР е делот на кој оваа Влада, предводена од социјалдемократите, посветува многу внимание.
„Како одговорна партија, продолжуваме да креираме и реализираме мерки и политики за поддршка на економијата, за раст и развој на домашното стопанство, за подобар живот на сите граѓани“, изјави Костадин Костадинов од СДСМ.
Но, и опозицијата во изминатите четири години не мирува. На секојдневните пресови на владејачката партија одговара со понекогаш две или повеќе изјави и настани.
Обвинувањата за коруцпија и несовесно владеење се главните теми на опозицијата. Но, денеска, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ го предупреди Заев дека има лична одговорност да го симне од власт.
„Секој ден со Заев како премиер нашата Македонија губи. Одговорност за смена на власта е најголема на опозицијата, и јас со таа одговорност заспивам и се будам, и ќе продолжам да се борам. Мафијата мора да биде на колена, поразена, и спроведена пред лицето на правдата. Четири години украден живот е најголемата причина зошто оваа Влада треба да си замине. Македонија нема повеќе за продавање и за губење. Четири години украден живот и велам доста е. Доста е, оставка е неминовна. Заминување на Заев и никогаш повеќе“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали Заев ќе замине, а Мицкоски ќе дојде, или Заев ќе остане, а Мицкоски ќе замине, ќе биде појасно по претстојните локални избори кои ќе го навестат расположението на народот - СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, или некоја трета опција.
Facebook Forum