Линкови за пристапност

САД ќе продолжат да соработуваат со Владата на Северна Македонија на патот кон ЕУ, рече Стејт департментот по оставката на Заев


Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Стејт департментот

САД очекуваат да ја продолжат соработката со Северна Македонија во областите од заеднички интерес, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на барањето да ја искоментира најавата за оставка на премиерот Зоран Заев по вчерашните локални избори.

„Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев“, се вели во изјавата од портпаролот на Стејт департментот.

Во изјавата се нагласува дека „САД ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот, и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со Владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна кон евроатлантската интеграција“.

Заев вчера поднесе оставка како премиер и претседател на СДСМ по вториот круг од локалните избори, откако ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини, вклучувајќи го и Скопје.

Денес Заев се сретна со претседателите и потпретседателите на коалиционите партнери на СДСМ. Тие по средбата изјавија дека сметаат оти мнозиството е стабилно, а потегот на Заев избрзан и импулсивен.

ДУИ соопшти дека претседателот на партијата Али Ахмети не се согласува со одлуката за оставка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека срушиле бариери заедно со Алијансата за Албанците и Левица, и оти многу веројатно ќе бидат потребни предвремени парламентарни избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG