Линкови за пристапност

Заев вели дека ВМРО-ДПМНЕ бара заташкување на криминалот на претходниот режим, Мицкоски го обвини за неуспехот на средбата


Наспроти песимизмот на двете страни по синоќешните разговори, владејачката ДУИ смета дека сепак решение е можно

Премиерот Зоран Заев е разочаран од неуспехот на синоќешната маратонска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Договор за иднината на СЈО не е постигнат и тоа, според Заев, се должи на однесувањето на лидерот на опозицијата кој, како што вели, одговорил со ,,груевизам,, на обидите на власта за изнаоѓање креативно решение, кое нема да ги помине црвените линии – правда, иднината на земјата и граѓаните преку интеграција во НАТО и ЕУ.

,,ВМРО-ДПМНЕ бараше заташкување на криминалите на претходниот режим со запирање на предметите на СЈО“, изјави Заев на денешната прес-конференција, и додаде:

,,Бараа сите предмети пред 30 јуни 2017 да ги преземе обвинител избран од нивна страна со цел потоа да ги доведе до уништување и запирање. Да се запрат сите истраги за предмети по 30 јуни, односно да не се прецизира што со тие што се во предистрага и истрага. Понудивме формирање е ново јавно обвинителство со обвинител кое ќе гони висока корупција, кој ќе го избира опозицијата. Но нив тоа не ги интересира туку само да се запрат предметите, да се анулираат.“

Тврди дека Мицкоски, со синоќешното однесување, покажал дека е подготвен да го жртвува датумот за старт на преговори со ЕУ и зачленувањето на Македонија во НАТО. Два часа по прес конференцијата на премиерот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ излезе со свое видување за текот на средбата. За неуспехот тој го обвини Заев.

,,Вистина е дека главната борба е да се заштити Зоран Заев и луѓето од власта за одговорност од криминалите. До доцна во ноќта имавме слика од ученик, потопен во криминал и блед како крпа. Заев сака да може тој да го контролира обвинителството“, рече Мицкоски.

По дебаклот во Собранието, правниот експерт на Европската комисија Рајнхард Прибе, кој ги изготвуваше итните реформски приоритети, порача дека услов за владеење на право се политичари со волја да воспостават независен систем.

Наспроти песимизмот на двете страни по синоќешните разговори, владејачката ДУИ смета дека сепак решение е можно.

Според Бујар Османи, разликите за законот за Јавно обвинителство не се непремостливи.

,,Нов закон за Јавно обвинителство не е еден од условите за добивање датум за преговори. Се разбира дека е важно законот за ЈО да го усвоивме пред октомври“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG