Линкови за пристапност

Заев: Не се трудам да вртам телефони за случувањата во СЈО


Опозицијата повика на одговорност за случајот „Рекет“

Премиерот Зоран Заев не сака да ја коментира информацијата дека Катица Јанева усно наредила „форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО, мерка која била откажана по објавувањето на веста во медиумите.

Заев, кој вообичаено не избегнува за зборува пред новинарите, денеска јасно кажа дека одбива да одговори на прашања за случувања внатре во СЈО.

„На тоа прашање одбивам да одговорам. Тоа е дел од истраги, нека си одговорат институциите, тоа е државното обвинителство, и јас прочитав во медиумите, треба да си дадат одговори“, рече Заев, и додаде:

„Не се ни трудам да вртам телефони за да добијам информации прв, се води истрага, политичарите треба да бидат надвор од тоа. Ние треба да обезбедиме слобода за обвинителите независно да работат во борбата против корупцијата, еве и денеска ги охрабрувам истрагата да заврши до кој било и да води. Не ни знам што е тоа форнезичко бришење“.

Викендот СЈО излезе со демант дека Јанева наредила уништување на материјали, податоци или доказен материјал.

Но, со тоа не беа одговорени медиумските прашања до СЈО зошто е дадена наредба за форензичко бришење на компјутерите, чекор со кој не се загрозуваат документите што се архивирани, туку се бришат податоци за тоа кој, кога и што работел на одреден компјутер и со тоа се овозоможува губење информации важни за истрагата за „Рекет“.

Токму за овој предмет опозицијата секојдневно повикува на одговорност.

„Обвинителството и да не сака, мора да го расчисти овој мега скандал, и во најмала рака, до сега требаше да ја приведе Катица Јанева, но, и уште десетици други ликови од СДСМ. Не може Јанева да биде изземена од скандалот, од криминалот, особено поради фактот дека и е одземен телефон, односно телефоните кои се дел од истрагата. Таа очигледно е вмешана во овој криминал“, изјави Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со истрагата за овој случај во кој Јанева засега не е осомничена, но, е имплицирана, власта и опозицијата најавуваат рестартирање на партсиките преговори за иднината на СЈО.

И двете страни имаат свои предлози, а премиерот вели дека се разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, сега е време за разговори, но носењето на законот да не се уценува со избори.

„Ние сме против предвремени избори“, и` порача Заев на опозицијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG