Линкови за пристапност

Заев не се појави во судницата


Свесно го игнорира судскиот процес: Зоран Заев, претседател на СДСМ
Свесно го игнорира судскиот процес: Зоран Заев, претседател на СДСМ

На почетокот на процесот за аферата за прислушување

Поднаслов:

Соња Трајковска, за Гласот на Америка на македонски,од Скопје

Одложен почетокот на судскиот процес за аферата за прислушување. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, четвртообвинетиот во случајот во јавноста нарекуван „Пуч“, не се појави во судницата, по, како што објаснија неговите бранители, своја одлука, иако уредно ја примил поканата.

За судијката Љубинка Башеска, отсуството на Заев е „неоправдано“ и го одложи првото рочиште за 7-ми септември, а на неговите адвокати им порача дека доколку и тогаш Заев не се појави, можно е да биде донесен во судницата со приведување.

Адвокатот на Заев Филип Медарски укажа на јавната изјава на Заев дека нема да доаѓа на судењето, бидејќи, како што рече, „постои и политички договор од преговорите во Пржино, случајот „Пуч“ да го води специјален јавен обвинител“, и побара одложување на процесот на подолг рок.

Но, за Башевска, „јавно дадени изјави и политички договори не се факти според кои треба да работи судот“, истакнувајќи дека „не ја интересираат политичките околности“.

„Јас не работам по политички договор, туку само по закон. Овде имам двајца луѓе во притвор и јас морам итно да постапувам. Кој ќе ме оправда мене ако не закажам ново судење до крајот на август“, рече Башевска. Но, поради годишните одмори, јавниот обвинител Златко Биковски не можел да го застапува предметот пред 31-ви август.

Денеска во судницата се појавија останатите четворица обвинети во случајот – поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, вработениот во МВР Ѓорѓи Лазаревски, коишто се во притвор, како и сопругата на Верушевски, Соња, и вработениот во струмичката општина Бранко Палифров, коишто неодамна беа пуштени од притвор.

Обвинението против Заев е за „насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, додека останатите се обвинети и за други дела како шпионажа и незаконско прислушување и тонско снимање.

Со договорот од Пржино предвидено е на 15-ти септември во Собранието да биде избран специјален јавен обвинител којшто ќе треба судскиот процес „Пуч“ да го разгледува одново, како и да ги утврдува фактите во врска со кривичните пријави што ги поднесе СДСМ, а коишто произлегуваат од објавените прислушувани разговори.

XS
SM
MD
LG