Рестартирање на македонските европски и евроатлантски процеси – тоа се очекувањата на високата владина делегација од посетата на Брисел. Врвот на Европската унија пак, бара, по формирањето на новата влада и стабилизирањето на ситуацијата, земјата максимално да се посвети на спроведување на реформската агенда – содржана во т.н. Прибе-извештај што е своевидна мапа за враќање на Македонија во колосек. Прашањето е како земјата би почнала пристапни преговори за членство во Унијата, кога се знае грчката позиција без решено име, нема напредок.
„Претпоставувам дека сите земји-членки, кои во изминатите 9-10 години не можеа да постигнат консензус за почеток на пристапни преговори, веќе разбраа дека тоа доведе до развојот на настани со кои земјата се соочуваше во изминатите 2 години и затоа се надевам дека ќе има промена во начинот на размислување за ова и сега е на нас-Европејците да испорачаме, под услов колегите во Скопје да ги испорачаат бараните реформи“, кажа еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Освен со Хан владината делегација се сретна и со шефицата на европската надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг.
„Наша цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за старт на преговори“ – изјави Заев. „Очекуваме поддршка од ЕУ. Македонија долго време е земја-кандидат без отворени преговори, мислам дека е крајно време тоа да се смени,“ кажа премиерот на Република Македонија.
Паралелно со денешните состаноци во Брисел, на кои меѓу другото тема, е како да се надмине грчката блокада, во дипломатски кругови се наговестува дека Брисел, Вашингтон, но и Берлин ќе извршат притисок врз Атина за олабавување на своите надворешно политички позиции во однос на македонските евроинтеграции. Дали тоа ќе даде резултати, ќе се знае веќе задутре кога во Грција патува шефот на дипломатијата Димитров.
Facebook Forum