Линкови за пристапност

Светот останува посветен на Договорот за климатски промени


Светските лидери обединети дека не постои алтернатива за обновливата енергија

Светските лидери и групите за заштита на животната средина реагираа со разочараност на одлуката на претседателот Доналд Трамп, САД да се повлечат од Договорот за климатски промени постигнат во Париз во 2015-та.

Претседателот Трамп ја објави одлуката во Градината на розите во Белата куќа:

„Јас секој ден се борам за граѓаните на оваа земја. За да ја исполнам мојата должност и да ја заштитам Америка и нејзините граѓани, САД ќе се повлечат од Договорот за климатски промени од Париз.“

Лидерите на Германија, Франција и Италија издадоа заедничко соопштение во кое изразуваат „жалење“ за одлуката на Трамп.

Говорејќи на 12-от бизнис-самит ЕУ-Кина, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кажа дека позицијата на Кина е во согласност со европската:

„Кина и Европската Унија се согласуваат околу потребата од меѓународно решение. Ништо не е поважно отколку глобалното лидерство во транзицијата кон чиста енергија и целосна имплементација на Договорот за климатски промени од Париз. Нашето заедничко лидерство на бизнисите, инвеститорите и на истражувачите во Европа, Кина и во светот им обезбедува сигурност во градењето на глобалната економија, заснована на испуштање на ниско ниво на јаглерод диоксид. Не постои пат назад од патот на транзицијата кон чиста енергија. Не постои свртување назад од Договорот од Париз“, изјави Јункер.

Говорејќи во Санкт Петербург, Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изјави дека повлекувањето на САД не треба да го промени ставот на остатокот од светот во посветеноста во борбата против заканата од климатските промени:

„Климатските промени се неспорни, и тие се една од најголемите закани за светот, за иднината на нашата планета. Активностите против климатските промени се незапирливи, и апелирам до сите влади во светот да останат на курсот, да останат посветени во спроведувањето на Договорот од Париз, од кој сите ќе имаме корист", оцени Гутереш.

Договорот од Париз ги обврзува потписниците да спроведат мерки за намалување на испуштањето на јаглеродни гасови коишто го предизвикуваат глобалното затоплување, кое се смета дека придонесува во топењето на мразот, порастот на морското ниво и несаканите временски појави.

САД, Никарагва и Сирија се единствени држави кои не се дел од Договорот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG