Линкови за пристапност

Светски ден на радиото


Се` уште медиум што допира до најширока публика во светот, а спасува и животи за време на катастрофи, наведуваат во УНЕСКО.

Денес е Светски ден на радиото. Според УНЕСКО, радиото еволуира и е релевантно во ова доба на дигитална технологија, затоа што е медиум што допира до најширока публика во светот, а спасува и животи за време на катастрофи.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун вели дека по Корејската војна, токму радиото било тоа што служело како животна врска со надворешниот свет.

„Имавме радио, и токму тоа помогна да ми се отворат очите и ушите кон светот. Од неговото откривање пред повеќе од 100 години, радиото ја поттикнува имагинацијата, ги отвора вратите за промени и служи како канал за пренесување на информации клучни за животот. Радиото забавува, образува и информира. Промовира демократски начин на изразување и влијае врз идеите“, вели првиот човек на ОН.
Радиото, додава Ки-мун, е битен дел и од операциите на светската организација: „Од кратка бранова должина, ФМ па се` до сателитско пренесување, радиото ги поврзува луѓето, каде и да се`. Во конфликтни ситуации и време на криза, радиото е животната врска за најпогодените заедници. Радиото е и вредно, и евтино. Уште од првиот ден од основањето, ОН го користат радиото за да допрат до луѓето во светот“.

Бискупот Дезмонд Туту, добитник на Нобеловата награда, смета дека радиото може да даде глас на младината во светот.

„На овој Светски ден на радиото, ги охрабрувам радио-станиците ширум светот да отворат нови можности за младите да се инволвираат и да бидат дел од дискусијата, а од друга страна заедниците да почнат да слушаат што сакаат да кажат младите - да им дадат простор што го заслужуваат и да им помогнат да се развиваат“, вели бискупот.

Идејата за одбележување на Светскиот ден на радиото ја предложи Шпанија.
XS
SM
MD
LG