Линкови за пристапност

“Репортери без граници“: Северна Македонија три места повисоко на листата за слобода на медиумите


Од соседството пoдобро рангирани од Северна Македонија се Босна и Херцеговина, Грција, Косово и Албанија. Полошо рангирани во регионот се Србија, Црна Гора и Бугарија.

Северна Македонија оваа година во извештајот на „Репортери без граници“ е рангирана на 92-то место со средна оценка од 31,28 поени. Споредено со минатата година, кога беше рангирана на 95-тото место, тоа е скок од три места во анализата со која се опфатени 180 држави во светот.

Споредено со минатата година, кога Северна Македонија беше рангирана на 95-тото место, годинава има скок од три места во анализата со која се опфатени 180 држави во светот.


Во делот за Северна Македонија во извештајот се наведува дека актуелната влада го намали рекламирањето во медиумите, што беше моќна алатка на претходната за контрола врз медиумите и злоупотреба на државните фондови. Сепак, на општините ѝм е дозволено да рекламираат во локалните медиуми и таа останува алатка за притисок.

Извештајот констатира и дека исто така, имаше потенцијално ризичен потег од владејачката партија да плаќа реклами во медиумите со цел да ги рекламира достигнувањата на владата. Оваа практика беше осудена од Здружението на новинари на Македонија.

Во областа на подобрување на саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари, „Репортери без граници“ истакнуваат и две достигнувања:

Регистар на професионални медиуми, кој брои околу 70 члена, создаден од страна на Советот за етика на медиумите и ЗНМ. Иницијативата промовира саморегулација на он-лајн медиумите со тоа што ги обврзува да го почитуваат Кодексот на новинари.

Повелбата за условите за работа на новинарите и нацрт-Договорот за правичен работен однос за новинарите и медиумските работници во дигиталните медиуми беше потпишан и од Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) во соработка со ЗНМ и Советот за етика, обврзувајќи се на почитување на правата на медиумскте работници, нивната слобода на изразување, како и етичките и професионалните стандарди.

За жал, високи владини службеници имаат тенденција да ги загрозуваат и навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е добро вкоренета и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите, стои во извештајот, каде се додава дека бројот на физички напади врз новинарите е намален, но постои растечка практика на кибернетски напади и вербални злоупотреби, стои во извештајот.

Од соседството пoдобро рангирани од Северна Македонија (на 92-ро место) се Босна и Херцеговина (на 58-мо место), Грција (на 65-то место), Косово (на 70-то место) и Албанија (на 84-то место). Полошо рангирани во регионот се Србија (на 93-то место), Црна Гора (на 105-то место) и Бугарија (на 111-то место).

Глобално прва на листата за слобода на медиуми е Норвешка, а потоа следат останатите скандинавски држави.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG