Линкови за пристапност

Помало семејство - глобален тренд


Субсахарска Африка се очекува да биде локомотива на растот на населението до 2050 година, додека во Источна Азија и Европа раѓањата опаднале на помалку од две по жена

Овогодинешниот извештај на Обединетите Нации за состојбата со светската популација покажува дека свртувањето кон помали семејства е глобален тренд. Според извештајот, големината на семејството е тесно поврзана со репродуктивните права и можноста луѓето да одберат колку деца сакаат да имаат.

Во развиените земји има тенденција кон пониски стапки на фертилитет одошто е случај во земјите во развој, покажува извештајот. Ова се должи на тоа што луѓето во развиените земји генерално имаат поголем пристап до услуги за планирање на семејството, модерни контрацептивни средства и сексуално образование соодветно на возраста.

Директорката на канцеларијата на Фондот за население на ОН во Женева, Моника Феро, вели дека на места каде репродуктивните права се ограничени, без оглед дали тоа е поради недостаток на средства или пак е наметнато од властите, луѓето имаат ограничена можноста да ја планираат големината на своето семејство.

„Многу субсахарски Африкански држави, на пример, имаат стапка на фертилитет од четири или пет деца на една жена. Од другата страна на спектарот, имате некои Азиски или Европски држави со помалку од две раѓања на една жена. И во двата случи поединците се соочуваат со потешкотии во остварувањето на своите репродуктивни права“, вели Феро.

До 2050 година се проценува дека светската популација ќе се зголеми за 2,5 милијарди луѓе, односно ќе порасне на речиси 10 милијарди луѓе, при што Феро вели дека се проценува оти суб-Сахарска Африка ќе учествува со повеќе од половина во тој раст.

Таа посочува дека жените во Африка мора да надминат многу правни и социјални бариери за да воспостават контрола над својот фертилитет.

„Жените можеби немаат пристап до медицински услуги или грижа за децата. Можеби немаат пристап до институционална и социјална поддршка која што е потребна кога ќе бидат способни или подготвени да го планираат фертилитетот “, вели таа.

Со цел слободата на избор да стане реалност, извештајот ги поттикнува државите да овозможат универзален пристап до квалитетна репродуктивна здравствена заштита, вклучувајќи и модерна контрацепција и подобра едукација.

Исто така се застапува за промена на машките ставови кон правото на жените да избираат колку деца ќе имаат и кога, како и да го избираат временското растојание помеѓу децата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG