Линкови за пристапност

До 2015-та, САД најголем производител на нафта


А за две децении, енергетски независна земја, прогнозира Меѓународната агенција за енергетика.

До 2015-та година, САД ќе ги надминат Саудиска Арабија и Русија и ќе станат најголемиот производител на нафта во светот, а за две децении ќе станат енергетски независна земја, соопшти Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА).

Според ИЕА, во наредните 10 години, американскиот и канадски успех во извлекување на нафта од шкрилци, како и бразилското производство од подводни дупчења, ќе ја намалат улогата на земјите од Блискиот Исток, членки на ОПЕК, како светски најзначајните производители на нафта.

Но, организацијата со седиште во Париз, која нуди совети на 28 земји - кориснички на нафта, наведува и дека статусот на САД како светски најголем производител ќе трае само до средината на 2020-те, затоа што ќе се намалат ресурсите од Северна Дакота и Тексас. ИЕА смета дека тогаш блискоисточните земји повторно ќе задоволуваат најголем дел од побарувачката.

Во својата годишна проценка, агенцијата додава дека САД постепено се движат кон тоа да можат да ги задоволат од домашни извори сите свои енергетски потреби во 2035-та.

Во светски рамки, ИЕА прогнозира дека енергетската побарувачка ќе зависи од економиите во подем и дека до 2030-та, Кина ќе ги надмине САД како светски најголем потрошувач на нафта. Во извештајот се наведува дека Кина, Индија и земјите од Блискиот Исток ќе ја зголемат енергетската побарувачка за една третина.

Енергетската безбедност ширум светот е во опасност заради високите цени, сметаат стручњаците на ИЕА. Еден барел нафта, уште од 2011-та, чини преку 110 долари. Агенцијата предвидува дека до 2035-та, еден барел ќе чини 128 долари.
XS
SM
MD
LG