Линкови за пристапност

Почна Светскиот економски форум во Давос


Во услови на политичка несигурност и трговски тензии во светот, 3000 политички и економски лидери се собраа на Швајцарските Алпи за да дискутираат за глобалниот бизнис и економските трендови

Светскиот економски форум и оваа година се одржува во елитниот ски ресорт на Швајцарските Алпи, Давос, каде се собраа околу 3000 политички и економски лидери за да дискутираат за глобалниот бизнис и економските трендови.

Политичката несигурност и трговските тензии можат негативно да се одразат врз економскиот раст, укажуваат економистите. Групите за човекови права предупредуваат на опасностите од растечката економска нееднаквост.

Групата за борба против сиромаштијата Оксфам испрати порака до лидерите кои учествуваат на форумот.

„Ова е порака до најбогатите и најмоќните луѓе во светот, до политичките лидери. Преземете акција за намалување на екстремната нееднаквост бидејќи таа е надвор од контрола. Луѓето во Давос, лидерите на големите компании и политичките лидери се дел од проблемот. Тие се проблемот. Сакаме да бидат и решение. Да се стави крај на екстремната нееднаквост која е надвор од контрола, се шири и ги поткопува економиите и демократијата, го забавува економскиот раст и ги заробува луѓето во сиромаштија,“ рече Вини Бјанима од Оксфам Интернационал.

Основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, признава дека глобалната економија остави некои луѓе зад себе.

„Во ерата на социјалните медиуми, едноставно не можеме повеќе да толерираме луѓето да заостануваат. Мора да работиме многу повеќе на инклузивна глобализација,“ вели Шваб.

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард оцени дека глобалната економија расте, но побавно одошто се очекуваше.

„Мораме да ги удвоиме напорите за да ги решиме заедничките проблеми со кои се соочуваме. Од подобрување на глобалниот трговски систем до борба со корупцијата и избегнувањето на даноците, па се до клучните закани поради климатските промени,“ рече Лагард.

Таа посочи дека нема простор за страв од рецесија, но дека трендовите треба вниматело да се следат, а слабостите брзо да се корегираат.

Јазот никогаш не бил поголем помеѓу елитата, која мисли дека светот оди напред, и масите, кои се навистина загрижени
Ричард Еделман, компанија за односи со јавност „Еделман“

Светските лидери главно се оптимисти. Но, истражување спроведено пред форумот, кое вклучи стотици извршни директори на бизниси, го покажа спротивното.

„Јазот никогаш не бил поголем помеѓу елитата, која мисли дека светот оди напред, и масите, кои се навистина загрижени,“ вели Ричард Еделман, од компанија за односи со јавноста „Еделман“.

Истражувањето, исто така, покажа дека песимизмот во бизнис круговите се должи на глобалната несигурност.

„Еден ден мислиме дека ќе има Брегзит, а следниот ден нема. Еден дел слушате за трговски бариери поради конфликт со Кина, а веќе следниот ден велат дека имале одличен состанок. Никогаш не знаете каде се движат работите,“ вели Боб Мориц, консултант во ПВЦ Глобал.

Истражувањето покажа и зголемена недоверба во политичките лидери ширум светот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG