Линкови за пристапност

Одбележан Светскиот ден на борба против ракот


Од СЗО повикаа на промена на животните навики, со цел ефикасна борба против болеста

Одбележувајќи го Светскиот ден на борба против ракот, Светската здравствена организација (СЗО) повика на прифаќање на поздрави стилови на живот, како начин на намалување на ризикот од рак.

СЗО воедно нагласува дека иако е постигнат голем напредок во дијагностиката и третманот на болеста, статистиката е застрашувачка. Ракот е втората водечка причина за смрт во светот, од која умираат речиси девет милиони лица годишно, а се дијагностицирани околу 14 милиони нови случаи.

Најчестите причини за смрт се рак на белите дробови, црниот дроб, колоректалниот, стомачниот и ракот на дојката. Светската здравствена организација објави дека користењето на тутунот е најважниот фактор на ризик, проследено со употреба на алкохол, нездрава исхрана и недостаток на физичка активност.

Андре Илбави, технички офицер во СЗО, вели дека околу 70 отсто од смртните случаи од рак се во земји со низок и среден приход и дека бројот на случаи во овие земји расте со загрижувачко темпо.

Тој се согласува дека ова е причина за загриженост, но за Гласот на Америка изјави дека едноставни чекори, дури и од страна на најсиромашните држави можат да помогнат во справување со проблемот.

Илбави вели дека меѓу активности што земјите во развој можат да ги преземат се подигање на свеста на заедницата за болеста, рано откривање преку подобра дијагноза во примарната здравствена заштита и пристапот до третмани.

Светската здравствена организација ја нагласува и важноста на здравиот начин на живот. Од таму велат дека јадењето овошје и зеленчук, редовното вежбање, прекин на употребата на тутун и умереното внесување на алкохол може да ја намали смртноста од рак за една третина.

(Лиса Шлајн)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG