Економскиот раст на Македонија забави, но незначително, оцени Светската банка во најновиот извештај за 2015-та година. Од оваа институција соопштуваат дека растежот на бруто домашниот производ (БДП) годинава ќе биде 3,2 процента. Порастот, велат од Светската банка би бил поддржан од продолжителните јавни инвестиции и стабилниот извоз поврзан со странските директни инвестиции.
Од банката додаваат дека е поволен фактот што постои намалување на невработеноста во земјата, и сега изнесува 27,3 проценти за првиот квартал од 2015-та. Сепак, долгорочната невработеност кај младите со 47 %, останува една од највисоките стапки се во регионот, веднаш по Косово и Босна и Херцеговина, се вели во најновиот извештај.
Банката наведува дека јавниот долг како дел од БДП се намалил во првата половина на 2015-та, но се очекува повторно да забележи раст, со оглед на фактот што Владата ги зголемила домашните позајмувања.
Приватната потрошувачка и инвестициите забавиле, се наведува во соопштението на банката, по неодамнешните политички случувања. Забележано е значително намалување на трговскиот дефицит во првата половина на 2015-та во услови кога извозот го надминал увозот. Сепак, за истиот период е регистрирано и благо намалување на странските директни инвестиции.
Забележано е и зголемување на јавниот дефицит за 2015-та, откако Владата презентирала дополнителен буџет со повисоки трошоци, особено на трансферите. Додека политичките превирања забавија, во моментов има затишје, се` до одржување на изборите во април 2016-та.