Линкови за пристапност

Меѓусебни обвинувања откако не се одржа состанокот на работната група


СДСМ и ВМРО-ДМНЕ различно толкуват зошто денес не се разговараше за реформите коишто произлегуваат од Договорот во Пржино

Иако најавен за денеска, не започна состанокот на работната група којашто треба да ги договара деталите за реформите коишто произлегуваат од Договорот во Пржино. Потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска соопшти дека состанокот пропаднал, бидејќи претставниците на ВМРО го откажале присуството.

„Бевте сведоци дека на денешниот прв состанок на работната група којашто беше задолжена за планирање и спроведување на европските препораки од Извештајот на Прибе, согласно договорот од 2-ри јуни - дека ВМРО-ДПМНЕ само половина час пред закажаната средба го откажа своето присуство и учество. ВМРО-ДПМНЕ денес преку министерот за надворешни работи Никола Попоски во Брисел се фали со постигнатиот договор, а денеска истата партија овде во Скопје го кочи договореното“, рече Шеќеринска.

Според неа, ваквиот однос покажува дека „европската перспектива на земјата апсолутно е безначајна за премиерот и за неговата Влада“, и дека тоа е неприфатливо за СДСМ . „Ова го соопштуваме денеска пред јавноста во Македонија, ова денеска ќе го соопштиме и на меѓународната јавност“, рече таа.

„Повеќе средби на работната група се одржуваа и досега, но СДСМ и нејзините претставници Радмила Шекеринска и Рената Десковска Треневска беа единствени кои не присуствуваа. Затоа обвинувањата од Шекеринска се ниски и лицемерни“, се наведува во писмената реакција од ВМРО- ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека партијата „навремено побарала одложување на денешната средба поради државни и работни обврски на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, којшто воедно е претставник на ВМРО-ДПМНЕ во оваа работна група“.

Денеска, работната група требаше да расправа за измени во изборната регулатива и за прочистувањето на Избирачкиот список, и, според потпретседателката на СДСМ „ако некој сака фер и демократски избори нема никаква аргументација и потврда да се бега од дебата за Избирачкиот список и нема потреба да се бега од дебата за изборната регулатива“.

Реконструкција или комплетно распуштање на Државната изборна комисија, е едно од прашањата за коешто денеска требаше да разговараат политичките партии, координирани од белгискиот експерт Питер Ван Хоуте. Прашањето се најде на листата на забелешки во Извештајот на бриселските експерти на чело со Рајнхард Прибе.

Услов за тоа е враќање на опозицијата во Парламентот, каде што би се гласале потребните измени на изборниот законик, предвидено во септември. Во Извештајот на Прибе се предлага Комисијата да биде составена од непартиски членови. За прочистување на избирачкиот систем се разгледуваат повеќе можности, од коишто едната е тоа да се направи преку саморегистрација на гласачите. Тоа значи дека ќе се направи нов список по пат на саморегистирање и на изборите следната година ќе може да гласаат само оние што се регистирале.

XS
SM
MD
LG