Корупцијата ширум светот е во пораст, покажува најновото истражување на Транспаренси интернешенал во 86 земји во светот. Еден на четворица испитаници пријавиле дека платиле мито, се вели во годишниот извештај на организацијата со седиште во Берлин.
Објавувањето на извештајот се совпаѓа со меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9-ти декември.
Извештајот наведува дека најнегативен тренд на корупција има во Европа и во Северна Америка, каде влијанието од глобалната финансиска криза продолжува да се одразува врз јавното мислење. 73% од Европејците и 76% од Американците сметаат дека има пораст на корупцијата.
Во однос на Македонија, извештајот на Транспаренси наведува дека на прашањето дали во изминатите три години има промена на нивото на корупција во земјата, 46% испитаници одговориле дека има зголемување, 26% дека има намалување, додека оти е исто ниво - одговориле 29%.
Македонија е една од 20-те земји во светот во која има значително зголемување на ситен поткуп од 2006-та - наваму, заедно со Чиле, Колумбија, Нигерија, Полска, Русија, Сенегал, Тајланд, наведува Транспаренси. Понатаму се вели дека сиромашните луѓе има двапати поголеми шанси да земат поткуп за основни потреби, како за образование, отколку богатите.
Жителите од областа во Африка под Сахара најмногу плаќаат за поткуп. Околу половина од испитаниците одговориле дека дале поткуп во изминатите 12 месеци.
Истражувањето покажа дека повеќе од 140 милијарди долари биле проневерени по илегалниот пат на корупцијата во африканскиот нации – од политичари, војници, бизнисмени и други.
По повод меѓународниот ден во борбата против корупцијата се огласи и американската државна секретарка Хилари Клинтон. Таа подвлече дека САД направиле голем напредок изминатата година во спроведувањето на законите за сузбивање на корупцијата со цел домашните компании да не примаат поткуп, или да бидат спречени во нелегални практикувања при работа во други држави. Соопштението нагласува и дека секоја држава игра улога во борбата против корупцијата и одржувањето на највисоки стандарди на транспарентност.
Државната секретарка Хилари Клинтон ги поздрави земјите од Г-20 за усвојувањето на акциониот план за сузбивање на корупцијата минатиот месец. Таа вели дека корупцијата го попречува економскиот растеж, ја нарушува довербата на јавноста во демократијата и ја поткопува можноста земјите да функционираат во еден меѓусебно поврзан свет.